Постои ли и дали владејачкиот СДСМ ја наследи и ја надградува „руско-белоруската врска„ во РЕК Битола? Оваа дилема се наметнува по најновите сознанија добиени врз основа на истражувањата на ПресингТВ на јавно достапните податоци на фирмата „Марковски Компани“, според кои, нејзините приходи само за една година, во периодот од 2016 до 2017, двојно се зголемиле-од околу 4,5 на над 9 милиони евра.
„Марковски компани“ само во последните 12 месеци учествувала и добила шест тендери од ЕЛЕМ за потребите на РЕК Битола, секој од нив вреден по неколку милиони евра. Посебно интересен е податокот дека во 2017 година, според анализите на Центарот за граѓански комуникации, оваа компанија се наоѓа на четвртото место меѓу 100-те најголеми јавни набавки со вредност од над еден милион евра. На тендерите таа добила работа во вредност од 290.280.000 денари или 4.758.688 евра.
Бизнисот и парите, обично, не познаваат било каква припадност, но во максимално политизирано општество какво што е нашето, се добива поинакви димензии. Во конкретниот случај, пак, индикативни се неколку работи.
Сопственикот на фирмата Борче Марковски, по неколкугодишен престој во Србија, се враќа во Македонија каде во март 2016 година е назначен за почесен конзул на Белорусија. Тоа што засега е енигма е како и по која основа ја добива довербата на белорускиот амбасадор во Белград, Владимир Чушев, кој заедно со тогашниот руски амбасадор Олег Шчербак го промовираат Марковски? Само за потсетување, Белорусија нема амбасадор во Македонија и се покрива преку белоруската амбасада во Белград.
А, треба ли да се пишува нешто посебно за руско-белоруската или обратно, за белоруско-руската блискост? Не. Оттука, најблаго речено, зачудува „моќта и влијанието„ на „Марковски компани“ во битолски РЕК. Особено во време кога сме се поблиску до НАТО членството, а врз било какви релации со руско-белоруски предзнак се фрлаат секакви анатеми.
Нашите обиди да стапиме во контакт со господинот Марковски останаа безуспешни, зашто неговиот јавно достапен број на мобилниот беше исклучен, а на фиксниот телефон на фирмата се вклучуваше факс.
Индикативно е што поголемиот број од јавните набавки, сите за потребите на РЕК Битола, се склучени во четири очи. И уште нешто, притоа образложението е речиси идентично-недостиг од време, што налага и итност во набавката!
Неделникот „Фокус“ (број од 14.04.2017 година) во анализа за работата на истата фирма издвојува интересен момент. Како тогашниот пратеник од редовите на СДСМ, а моментно актуелен директор на РЕК Битола, Васко Ковачевски, обзнанува дека „Марковски компани“, која, според него, е блиска до Сашо Мијалков, во март лани склучила договор со АД ЕЛЕМ за ископ на јаглен и јаловина во износ од 5 милиони евра.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со блокадата на Собранието овозможуваат да продолжат бизнисите на Никола Груевски, а спречуваат да се формира нова реформска влада, која ќе се грижи за потребите на граѓаните, ќе рече тогаш Ковачевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, пишува неделникот, му возвратиле дека ниту Мијалков, ниту ВМРО-ДПМНЕ имаат каква било поврзаност со договорот на РЕК Битола или со фирмата која што го добила тендерот.
Партиските препукувања сега се минато, потребите на граѓаните се горе, долу исти, а константа остануваат и бизнисот со РЕК-от, па и актерите во него.
Тендери од годинава
„Маркоски компани“ во текот на оваа година има добиено пет тенедери. Првиот датира од 2 февруари и е во вредност од 12.331.000 денари, вториот од 1 јуни тежи само 708.000, третиот е од 26 јуни во вредност од 252.176.620 денари, четвртиот од 13 август за 72.865.000 и последниот од 15 октомври за 92.040.000 денари.
Comments are closed for this post.