Годинава кога се прославува јубилејот 120 години од Илинденското востание (1903-2023) лично ни беше доставена песна со наслов Маћедонији 1903. (На Македонија во 1903.) напишана од основоположникот на црногорската поезија за деца Мило Јововиќ (Стар Бар, Црна Гора, 1866-1916). Песната ја добивме од страна на еден од поетовите потомци м-р Иван Јововиќ – актуелен претседател на Матица црногорска, кој заедно со генералниот секратар Иван Ивановиќ ни испратија снимка од култната песна за Илинденска Македонија во 1903 година. На 2 август годинава ја постиравме снимката со песната на нашиот фејсбук-профил како честитка за 120-годишниот јубилеј од Илинденското востание, која предизвика неизмерно позитивен интерес во пошироката македонска јавност. На социјалните мрежи песната доживеа масовни следења, коментирања и споделувања, зашто беше преземена уште преку веб-страната Македонска поезија и преку некои од македонските електронски портали. Повеќеилјадните позитивни празнични реакции во Македонија беа пренесени и од страна на црногорскиот дневен печатен и електронски весник Победа (pobjeda.me од 11.08.2023 г.), како и од Радио Бар (barinfo.me од истиот датум),пишува проф.Илија Велев за „Пресинг ТВ“.
Црногорскиот поет Мило Јововиќ потекнувал од стара позната барска фамилија, која со векови наназад се споменува во зачуваните писмени извори. Уште во 1881 година, на 15-годишна возраст, станал еден од најмладите основачи и членови на Барското читалиште во кое членувале 63 граѓани на Бар од сите три вероисповедни конфесии – римокатоличката, православната и муслиманската. Своите искуства ги стекнувал како чиновник во Барската надбискупија, што му овозможило да се издигне во истакнат интелектуалец кој зборувал неколку јазици: француски, италијански, турски и јужнословенските јазици. Покрај со книжевно творештво тој се занимавал уште со проучувања на флората и фауната во приморската област, а вршел и етнолошки истражувања за тој крај од Црна Гора. Поголемиот дел од книжевното творештво го посветил за младата читателска популација, на која бил и хуманитарно посветен како донатор за изградба на детската болница во Цетиње во 1908 година. За неговата истакната дејност бил и одликуван со Орден за ревност, а и сега постои улица во градот Бар која е посветена на овој поет.
Во последната деценија на XIX век Мило Јововиќ веќе бил познат со пишување на дидактичка и родољубива поезија, како одглас од актуелните за тоа време преродбенско-просветителски и романтичарски национални тенденции на Приморјето и пошироко на Балканот. Со таков инспиративен дух пишувал и пригодни песни во чест на последниот црногорски кнез и крал Никола I Петровиќ (кнез 1860-1910; крал 1910-1918), кој исто така бил и поет. Објавувал во повеќе весници и списанија, меѓу кои: Голуб, Босанска вила, Омладина, Славјански свет, Градина, Луча, Невесиње, Књижевни лист и др. Но и покрај тоа, поголемиот дел од творештвото на Јововиќ останало необјавено во форма на ракописна граѓа кај дел од неговите потомци кои сега не живеат во Црна Гора.
Песната на Мило Јововиќ во ракопис со наслов Маћедонији 1903. (На Македонија во 1903.) ја открил новинарот и публицист Жељко Миловиќ при неговите истражувања за просветните установи во градот Бар, при што и за првпат ја објавил во градскиот училишен весник Приморац бр. 2 за месец ноември во 1978 година. Но поради објавувањето во локалното гласило на градското основно училиште, оваа поетска творба не успеала да побуди поширок интерес кај читателската публика, па следствено и останала во заборав.
Впечатливо е што дури и по изминати 120 години откако Мило Јововиќ ја напишал поетската творба Маћедонији 1903. (На Македонија во 1903.) сè уште таа има исклучително значење за македонскиот културноисториски и национален идентитет, па се чита и се доживува како да е напишана и за современите состојби во Македонија. Стариот Баранин ја напишал песната во 1903 година како инспирација од штотуку случениот пораз на Илинденското востание, упатувајќи поетски проглас до совеста на Европа да ја зачува и да ја заштити Македонија. Овој несомнено голем почитувач на Македонија и на Македонците поетски ги излеал своите најдлабоки емотивни чувства кон земјата и народот кои ги доживувал за мошне блиски до Црна Гора и до Црногорците. Гледајќи ја Македонија беспомошна и оставена самата на себе по поразот на националното ослободително востание во 1903 година, црногорскиот поет суптилно и елегично ја опејува како „тажна“, „сирота“, „јадна“ и „бедна“. Покрај тоа што песната за Македонија во 1903 година како трогателно доживеано сведоштво ја напишал црногорски поет, а не македонски, сепак од нејзиниот инспиративен потхот извираат искрени братољубиви чувства кон страдалниот македонски народ – кој на повидокот на XX век со уметничко-пророчки наратив ги насетил идните негови асимилирања и оттуѓувања. Треба да се истакне дека песната го претставува Мило Јововиќ како исклучително опитен поет за млади со завидно ниво на надрасната поетика, инспиративна доживеаност и вешта версификација.
Нашето објавување на оваа култна песна за илинденска Македонија од пред 120 година во современата македонска културна јавност ќе претставува една досега неоткриена поетска звезда, која и во актуелната 2023-та година успеа да го осветли јубилејното семакедонско илинденско празнување. Зачуваната творба на Мило Јововиќ претставува трогателно поетско сведоштво за Македонија во 1903 година, дека и кај народите во балканското опкружување Илинденското востание се сметало за македонско – и никако поинаку! Како жив сведок на времето, пред 120 години поетот ниту видел и ниту насетувал бугарски револуционерен влог во илинденска Македонија – па и затоа вдохновено и братољубиво единствено ја опејува тешката македонска судбина.
Трогателниот поетски повик од црногорскиот поет во 1903 година да се заштити опстојувањето на Македонија и да се зачува во меморијата споменот за револуционерната илинденска епопеја, како изворно доживеано сведоштво од минатото, на најдиректен начин се спротивставува на денешниот бугарски хегемонистички диктат – со политички терор и со цензурурана диктатура да се фалсификува и да се асимилира македонската национална историја и самобитност. Притоа, неодамна бевме сведоци како се правеа обиди дури и од највисоката државна хиерархија во Бугарија на чело со претседателот: преку политички притисоци да се надополнува бугарската немоќ да ја порази македонската историографија и културна посебност. Со доза на изнасилена политиканска демонстрација во Бугарија беше повторено јубилејното календарско-празнично „чествување“ на македонското Илинденско востание и на 19 август, на празникот Преображение Господово – а со намера да се „оправда“ фалсификуваната дополнителна атрибуција на Востанието и како Преображенско (во смисла и како „бугарско“).
Апелираме дека на тој начин нема да се успее македонската национална историја да се „преобрази“ (асимилира) во бугарска, туку со политичкиот терор само ќе се поттикнуваат анахроните антагонизми меѓу народите во поширокиот балкански регион. Истовремено, ниту со политички прогласи или декларации од македонска страна не треба да се штитат македонскиот карактер на Илинденското востание и самобитноста на македонскиот историски, духовен, културен и национален идентитет. Впрочем и за што би служела македонската политичка декларација во Парламентот еден месец по јубилејното празнување, кога во чест на свечениот национален повод не беа финансирани какви и да се форми на достојно одбележување: централен научен собир, пригодна монографија или зборник, документарен филм, изложби и сл. Веќе станува крајно алармантно за да се сфати: македонската историографија и македонистиката ќе бидат заштитени, развивани и меѓународно афирмирани само преку академските, научните и културните институции, на кои нема да им се загрозува автономијата во стручното работење преку политички изнасилените притисоци, влијанија или декларации. Конечно е дојдено времето во Македонија диктатот на политиката да ги тргне рацете од историографијата, науката и културата.
Од таквите бескруполозни причини сè до денес споменатово трогателно поетско сведоштво за илинденска Македонија од пред 120 години ги извишува реторичките стихови: а некому зарем си должна и неважна, Македонијо тажна!
По повод јубилејот од Илинденското востание (1903-2023) во прилог ја објавуваме песната Маћедонији 1903. (На Македонија во 1903) од црногорскиот поет Мило Јововиќ – изворно на неговиот црногорски јазик, како и во препев на современ македонски јазик направен од нас:
Снимка од објавената песна во училишниот весник „Приморац“, бр. 2 за месец ноември во 1978 година
Мило Јововиќ (Стар Бар – Црна Гора, 1866-1916)
НА МАКЕДОНИЈА ВО 1903-ТА
Црн облак над тебе се вие
и крв човечка по потокот се лие,
а некому зарем си должна и неважна,
Македонијо тажна!
Светот на неправдите божем се трогни,
а ти безнадежно го повикуваш: Помогни
од себе невербата да ја протерам банална
Македонијо страдална!
Човештвото зарем и во дваесетиот век
за тебе ниту трошка не изнаоѓа лек,
да ја угуши неправдата гадна
Македонијо јадна!
Европа тајум и со спокој гледа,
како твоите ти страдаат чеда
во срцето она е смрзнато ледна,
Македонијо бедна!
Црн облак над тебе се вие
и крв човечка по потокот се лие,
а зарем некому си должна и неважна,
Македонијо тажна!
Препев на македонски јазик
Илија Велев
Comments are closed for this post.