Катерина Папакоста со својот последен статус на Фејсбук покажува дека или не ги познава суштински работите, или не е од овие простори. Во секој случај тоа што таа го побара од Албанија вреди да се забележи.
Папакоста, по убиството на албанскиот Грк во Буларат, Албанија, Константин Кацифас, по што имаше негов погреб во Буларат, кој беше излив на грчки шовинизам и иредентизам, побара да се отвори прашањето за почитување на правата на малцинствата.
„Мораме со Албанија да имаме суштински и искрен дијалог за правата на националните малцинства во светлината на европската перспектива, што е предуслов за нивно целосно имплементирање“, напиша Папакоста, која е заменик министер за заштита на правата на граѓаните.
Папакоста влезе во новиот освежен кабинет на Алексис Ципрас на 28 август годинава во моменти кога тој собираше се што може да се собере како поддршка на Преспанскиот договор. Исто како и во македонското собрание. Таа претходно беше пратеник од редовите на опозициската Нова демократија, но партискиот лидер Киријакос Мицотакис ја исфрли од пратеничката група. Сепак, на левичарот Ципрас не му пречеше на некогаш десничарката, која сега е независна, да и понуди местенце во извршната власт.
Пораката до Тирана е многу лесно да се прочита – нема да може Албанија да се надева на грчко зелено светло за членство во ЕУ доколку не ги почитува правата на Грците (веројатно и другите малцинства) во земјата.
„Албанија треба да признае дека како што бара права за Албанците надвор од нејзините граници, нивна автономија и дури нивна независност, мора на националните малцинства да им ги даде сите права“, додава таа и истакнува дека тоа е услов за членство во ЕУ и на Албанија тоа треба да и се каже на време.
Барањето на Папакоста е легитимно, иако доаѓа од погрешна адреса. Албанија, исто како и Република Македонија, но и Бугарија и Србија…се земји од регионот кои ја потпишале и ја ратификувале Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства. Тоа не значи дека овие земји целосно ја почитуваат и ја спроведуваат Конвенцијата, како на пример Бугарија која има сериозни проблеми со правата на Македонците и на Ромите, но тие се дел од европскиот инструмент и механизмите кои стојат на располагање.
Грција, која постојана дели лекции по демократија, Конвенцијата ја има потпишано во 1997 година, но неа ја нема ратификувано во грчкиот парламент. Зошто? Атина не признава национални малцинства и сведоци сме како се бори против европскиот дух кога се во прашање Македонците, па притиска Македонија да си го смени и Уставот за да се откаже од заштитата на своето малцинство во Грција. Преќутно, признава македонско малцинство.
Во Грција своја мисија во 2008 година имаше независната експертка на ОН, Геј МекДугал и таа убаво нотира дека во Грција, особено во нејзиниот северен дел, има концентрација на Македонци кои зборуваат македонски јазик и имаат своја посебна култура. Таа побара Грција да им ги овозможи сите загарантирани права. Советот на Европа има слични забелешки, Судот за човекови права во Стразбур има неколку пресуди во корист на Македонците во Грција, но Атина нив никогаш не ги спровела.
Токму од тие причини Комитетот на министрите на Советот на Европа реши Грција да ја стави под мониторинг за почитувањето на правата на малцинствата.
Тоа за жал се двојните стандарди на Атина, но и двојните стандарди на Европа, која особено во последниве десет години не обрнува големо внимание на малцинските прашања, туку повеќе е фокусирана на индивидуалните права.
Македонците бараат да учат на македонски јазик
Викендов во Горно Врбени, Леринско, партијата Виножито одржа конгрес, на кој една од одлуките е да бара од грчките власти воведување на македонскиот јазик во образовниот систем. Исто така, Виножито најави дека ќе бара признавање на македонско малцинство, спроведување на пресудите на Судот во Стразбур, а една се однесува на регистрирањето на Домот на македонската култура.
Конгресот поминал без инциденти, а полицијата била на ниво на задачата и не дозволила членови на неонацистичката Златна зора да дојдат до местото на настанот.
Comments are closed for this post.