Едвај 20 луѓе дојдоа на комеморацијата на музичарот Ферус Мустафов, кој почина на 22 мај на 72-годишна возраст.
Освен семејството, претставник од Министерството за култура и претставници од Здружението на естрадни уметници, кои на Фејсбук објавија пред три дена дека последното збогување со кралот на ромската музика ќе се одржи во холот на Националната опера и балет денеска во 11 часот, немаше други музичари и пејачи со кои соработувал Мустафов во неговата долга, богата и успешна кариера.
Многу ми е жал што денеска нема колеги, можеби дека испаќањето е во работно време. Човекот заслужува. Јас не зборувам зад грб, но да останеме позитивни, рече композиторот Сашо Ливрински.
Тој кажа дека Мустафов не си ја ставил сам круната дека е крал на ромската музика, туку дека сосема ја заслужил, додавајќи дека според него, тој освен ромска, одлично свирел македонска, српска и грчка музика и така ги обединил народите.
Тој не е само крал на ромската музика, туку крал на македонската музика. Ако се погледнеме и денес меѓу нас, нè има од сите нацоналности, нешто што ниту еден политичар не успеал да го постигне. Покрај тоа што беше беспрекорен виртуоз, беспрекорен на својот инструмент, беше и општествено значаен во обединување на сите националности, кажа Ливрински.
Според него, Мустафов бил бил музичар кому не му било потребно да му се зборува како треба да свири.
Тој само ќе ја слушнеше песната и тоа беше отсвирено онака како што треба да биде. Тој постигна личен бренд. Беше многу харизматичен, хуман, многу си ја сакаше својата земја. Ферус е пример за макотрпна работа. Човек кој не живееше на стара слава, свиреше до крај, иако имаше четири бајпаса. и реши животот да го заврши на музички начин, кажа Ливрински.
Мустафов беше многу популарен во земјава и пошироко на Балканот. Има издадено над 20 албуми и отсвирено на многу самостојни концерти во земјава и во светот. Неговата професионална кариера започнала на седумнаесетгодишна возраст, додека студирал виолина и кларинет.
Comments are closed for this post.