Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, многу бргу го разоткри новокомпонираниот „патриотизам“ на премиерот намесник Димитар Ковачевски. И тоа не го дознаваме преку соопштенијата на нашето МНР, туку преку бугарските медиуми и нивниот министер за надворешни работи, Иван Кондов.

-Дискурсот кој се користи од Бугарија кон Македонија, за жал, е многу сличен на дискурсот кој Руската Федерација го користи Украина. Неприфатливо е таквите обвинувања да се злоупотребуваат за политички цели, особено во овој клучен период за иднината на Европа, изјави Ковачевски пред само шест дена, одговарајќи на нападите на бугарската потпретседателка Илијана Јотова за непочитувањето на човековите права на македонските Бугари на самитот на Советот на Европа, што се одржа во Рејкјавик.

Токму оваа изјава на Ковачевски, пак, била тема на разговор на кратката средба меѓу македонскиот министер за надворешни работи и неговиот бугарски колега на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.

БНТ ја пренесува изјавата на Кондов за разговорот со Османи. 

-Разговаравме многу кратко. Разговаравме за прашањата што не интересираат. Тој се обиде да објасни дека, де факто, говорот на премиерот е поврзан со конкретни политичари, а не, во принцип, со политиката на Бугарија, но јас го прашав зошто во оваа ситуација се споменува Бугарија, а не конкретниот политичар, рекол тој.

Со или без овластување, министерот Османи го разоткри „патриотизмот“ на премиерот намесник Ковачевски, што сепак бил само наменски и временски ограничен и, пред се, за внатрешна дневно-политичка употреба.

Ова од една страна. Од друга, пак, изјавите и на Османи и на Ковачевски го отсликуваат целото нивно лицемерие. Зашто, и едниот и другиот немаат допирна точка со вистината и едно зборуваат, а нешто сосема друго мислат.