Во првите три дена од важноста на мерката која Србија ја воведе за предавање нерегистрирано оружје кај граѓаните, за само три дена, предадени се 5.973 парчиња оружје, 290.572 парчиња муниција и 468 парчиња мини експлозивни направи, соопшти српското Министерството за внатрешни работи.
Српската полиција ги повика сите граѓани кои поседуваат нерегистрирано оружје, муниција и експлозивни направи да ги предадат во најблиската полициска станица до 8 јуни без „прашања и без правни последици“.
По двата крвави масакри во Србија минатата недела кога беа убиени 17 луѓе од кои поголем број деца, српската полиција започна кампања за предавање на нерегистрираното оружје. Граѓаните кои имаат оружје за кое немаат дозвола, можат да го предадат и без да се појават во полициска станица, односно само со јавување во најблиската полициска станица, која ќе испрати патрола на дадената адреса и ќе го подигне оружјето.
По 8 јуни, секој што ќе биде пронајден со нерегистрирано оружје, муниција и експлозивни направи, како што соопштија српските власти, ќе се соочи со тешки кривични последици.
Comments are closed for this post.