Интервјуто на Ковачевски е показна вежба како изгледаат лагите на власта, велат од ВМРО-ДПМНЕ откако претходно, премиерот Димитар Ковачевски ги обвини дека изнесуваат куп лаги за договорот со „Бектел и Енка“ како и обврските кои Македонија ги има преземено. ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека и Амбасадата на САД се има оградено од договорот и вперила прст кон премиерот.
Прво Ковачевски по објавените сомнежи за криминал упатуваше на тоа одговори за договорот да се побараат во американските власти, а СДС го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека е против САД. Амбасадата на САД јавно се огради од договорот со Бехтел и Енка и прстот го посочи кон Ковачевски, добивајќи ладен туш, што е јасно дека Ковачевски манипулирал. Втората лага беше тврдењето на Ковачевски дека: “најмалку 51% од работниците ќе бидат ангажирани од Македонија”. Откако ВМРО-ДПМНЕ објави документ каде јасно се гледа дека дури 70% од работниците ќе бидат странци, стана јасно дека Ковачевски повторно лажел и денес ретерира велејќи дека не мислел на бројот на работници, туку на компаниите. Што е уште една небулоза и лага. Третата лага е новата инвестиција со која се фали Ковачевски. Јагео е присутна во Македонија преку Кемет електроникс, фирма ќерка која ја донесе ВМРО-ДПМНЕ, тоа не е нова инвестиција, туку проширување. Добро е што ќе се отворат нови работни места, но е жално што СДС по 6 годони власт уште нема нови инвестиции. Четврта лага е дека договорот за Бехтел и Енка е тајна. Тој не смее да е тајна, но владата намерно не го објавува и го крие за да се сокрие криминалот. Петта манипулација е што Ковачевски одбегнува да одговори зошто прифатил да плати дебели пенали и трошоци на Бехтел и Енка, а за возрат да ја зголеми работната недела. Зошто прифатил во земја со континентално право да се суспендира правниот систем и да важи англосаксонското право, како и да даде одговор зошто прифатил експропријацијата на легални објекти и дивоградби да биде по иста цена, и зошто за сите грешки при проектирањето на Бехтел и Енка трошоците ќе ги сноси државата? Од историска градба Ковачевски и Груби направија историска кражба од Коридорот 8, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, Ковачевски упати обвинувања кон ВМРО-ДПМНЕ преку телевизиско интервју.
Амбасадата на САД поддржува, исто како што јас поддржувам американски и компании од ЕУ како и од наши партнерски држави да бидат дел од нашите инфраструктурни проекти. Токму Бехтел е една од најголемите американски компании во делот на инфраструктура. Самиот договор е правен врз основа на специјалниот закон и врз основа на запазување на сите процедури. Комитетот којшто работеше на подготовка на договорот и сите ресорни министерства ќе им бидат на располагање на пратениците, исто како што беа на располагање на медиумите во два наврати преку детални брифинзи да го објаснат. Истото тоа ќе се направи и за експертската јавност и за невладините организации. Целта ни е сите да се уверат дека се работи за проект којшто прво е најголем проект, има огромно значење и заедно со другите проекти ќе има позитивен ефект на македонската економија. Овие инвестиции на годишно ниво ќе значат најмалку 2% зголемување на БДП на државата, зголемување на вработеноста бидејќи голем број на вработени ќе работат на овој проект. Зголемување на економската активност во голем број на области, бидејќи кога се работат вакви големи инфраструктурни проекти не се работи само за конкретни инфраструктурни работи, туку и за придружни индустрии од сместување на работниците, од подготовка на храна, логистика итн. Овој проект ќе претставува голем поттик за македонската економија со оглед на тоа дека доколку ги собереме сите инвестиции кои се веќе започнати во државата, значи покрај овој патен правец коридор 8 и коридор 10д ние веќе се наоѓаме во фаза на изградба на пругата кон Бугарија, потоа се планира исто така изградба на пруга и кон Албанија. Веќе министерот за транспорт и врски е во разговори. Јас ги завршив разговорите со колегата Вучиќ во делот на брзата пруга којашто ќе биде градена од Будимпешта – Белград, Белград до македонската граница. И веќе сме во фаза на потпишување на меморандум брзата пруга да продолжи и до нашиот главен град до новата железничка станица во Скопје. Со тоа ќе обезбедиме модерна инфраструктура којашто ќе овозможи државата да има поголем економски развој и порамномерен регионален економски развој, рече претседателот на Владата.
Comments are closed for this post.