Ние јавно подадовме рака за предвремени парламентарни избори, дури и рековме ако е услов 100 дена техничка влада, јавно се откажуваме и ја фрламе раквицата дека не треба да има 100 дена техничка влада и дури не треба воопшто да ја има и веднаш да го смениме законот, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на посетата во Битола одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјавата на Артан Груби за Албанец премиер и молкот од СДСМ за тоа.
Мицкоски потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ е спремно да оди на предвремени парламентарни избори и без техничка влада дури и до истите да остане Спасовски министер за внатрешни работи до избори да ги прави оние дејства што ги прави изминативе 7 години, па дури и министерката за култура да остане и да понижува на отворена сцена.
Нема потреба од техничка влада, нема потреба од тие 100 дена туку веднаш да одиме на избори. Тоа е мислам разумно. Ако зборуваме за есенски избори, тогаш овие луѓе ако ги прашате дали да има парламентарни избори па претседателски избори следната година, односно државата и бизнисот да бидат во грч повеќе од 10 месеци, сигурно ќе ви речат, не. Односно или сега предвремени избори или заедно во еден трошок претседателски и парламентарни избори, рече Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека е свесен дека некој ќе го критикува за ваква изјава, но ВМРО-ДПМНЕ е државотворна партија и сака и бизнисот да биде поуспешен за да отвора што повеќе работни места и да имаат вработените подобри примања.
Стоиме на располагање, не мора техничка влада, со истиве министри до избори да одиме веднаш на предвремени парламентарни избори, изјави Мицкоски.
Comments are closed for this post.