Од денеска улицата „Војдан Чернодрински“ во Чаир се преименува во „Имам Атаулах Куртиши“, а општината како иницијатор и организатор на преименувањето по кусата церемонија на отворен простор, одржа и свечена академија на која се говореше за лиикот на имамот.
На академијата што се одржа во Албанскиот театар, на која се говореше за животот и работата на Хоџа Атаулах Куртиши присуствуваше и лидерот на „огнената група“ на ДУИ Изет Меџити, како и други негови сопартијци.
Во мај минатата година во организација на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу беа поставени нови табли кои покажуваат дека улицата „Благоја Паровиќ” е преименувана во „Исмаил Ќемали”, личност од историјата за кого беше кажано дека соработувал со лидерите на Вилајетот Косово во борбата за независност на Албанија. Инаку, Благоја Паровиќ бил истакнат комунистички револуционер помеѓу двете светски војни и шпански борец кој загинал во борбите со шпанските фашистички одреди.
Новите имиња на улици Општината Чаир ги базира на одлука на Град Скопје од 2021 година. Процесот на преименувања на улици започна во претходната декада токму со одлуки на Советот на Град Скопје и продолжува и сега.
Comments are closed for this post.