Сите активности на Град Скопје во иднина, меѓу кои може да се истакне реновирањето на Универзална сала, ќе бидат насочени кон целта Скопје во 2028 година да биде Европска престолнина на културата. Такво нешто соопшти градоначалникот на главниот град, Петре Шилегов, најавувајќи ја кандидатурата на Скопје за оваа престижна титула на Европската комисија.
Титулата за нашиот град ќе значи поголем број на посетители и зголемена економска активност во градот. 2028 година брзо ќе дојде и ќе помине, но она што градот ќе го добие како наследство од сето тоа ќе трае децении понатаму. Верувам дека Скопје ќе се вброи во редот на Ливерпул, Даблин, Амстердам, Мадрид, Истанбул, Копенхаген … речиси да нема главен град во Еропа што не бил кандидат за овој престижен статус – изјави Шилегов.
Тој додаде дека процесот на површина ќе извади досега маргинализирани сегменти на културата. односно многу места коишто се култни на свој начин и ја означувале различноста и индивидуалноста на луѓето и ќе придонесе тие да се вратат во фокусот на културниот живот на градот.
Програмата за добивање на признанието Европска престолнина на културата е сложена и бара три до четири години за подготовка на апликацијата, процесот на селекција трае две години, а одлуката за титулата се носи четири години пред почетокот на манифестацијата, појасни стратешкиот координатор на процесот, Роберт Алаѓозовски.
Почнуваме со време. Првиот нацрт на планот ќе го претставиме и издебатираме во ноември, отворајќи широк простор за вклучување на сите идеи и предлози кои ќе дојдат од јавноста. Она на што секако планираме да се повикаме, 2028 година ќе биде и 65 години од земјотресот, е солидарноста, интернационалноста што Скопје ја доби по траумата. Овој пат наша цел ќе биде да постигнеме еднаква интернационализација на Скопје преку еден процес на културно градење на градот – изјави Алаѓозовски.
Тој посочи дека оваа кандидатура има за цел Скопје да доживее трансформација, да добие уште повеќе културни институции, да ја зајакне независната културна сцена и граѓанските организации, и да постигне поголема вклученост на сите граѓани.
Comments are closed for this post.