Најодговорно тврдам дека македонско-бугарско историска Комисија не е под политички притисок. Јас сум тука да им помогнам за логистичките услови, но не сакам да навлегувам во нивните теми, за да не се создаде впечаток дека ние влијаеме врз нив, посочи министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Тој на денешниот брифинг со новинарите на прашање поврзано со коментарите дека Комисијата е под притисок, рече дека најверојатно е под притисок на јавноста, но не директно од него како министер.
– Верувам дека членовите на Комисијата го имаат притисокот од јавноста, меѓутоа не од нас, не од мене како директна страна која има договор со нив. Дури ретко имам и комуникации во последно време, само за да не го чувствуваат тоа како наше влијание. Сум им кажал: ги имате сите можни услови и предуслови за работа, работете по ваше убедување и по ваше размислување, рече Османи.
Тој додаде дека е тука да им помогне во делот на логистичките услови.
-Тука сум да им помогнам да имаат место каде да се сретнат, ја користат обично салата во МНР, кога има да патуваат, таква логистичка поддршка. Им создадовме и секретеријат, луѓе кои они ги предложија за да можат да им помогнат во анализите. Но, дека имаме разговор по однос на темите, верувајте дека јас дознавам од медиумите што е тема на дневен ред на Комисијата, или како било што се разговарало. Јас се разбира, можам да ги викнам да ме информираат, но не сакам да навлезам во темите, за да не се создаде впечаток дека ние тука ги влијаеме на нив, додаде министерот за надворешни работи.
Comments are closed for this post.