Македонскиот премиер Димитар Ковачевски демантира дека на средбата со в.д. лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари разговарале за влез на албанската опозициона партија во Владата.
„Вчера имавме состанок со Таравари во Владата, а после тоа имаше некои шпекулации во јавноста околу тоа за што сме разговарале. На средбата разговаравме токму за тоа за што и кажавме, а тоа беше за европската иднина на државата која сите ја посакуваме и сите одлуки кои треба да се носат во парламентот со широк општествен и политички консензус. Но, пред се разговаравме за сите оние закони и реформи кои се однесуцваат на владеење на правото, борбата со корупцијата и справувањето со енергетската криза. Во Собранието има над 130 закони, одлуки, регулативи кои се блокирани од неодговорното однесување пред се на Левица и на ВМРО-ДПМНЕ и разговаравме токму за тоа“, рече Ковачевски.
Според него не разговарале со Таравари за влез во Владата или за некои ресори во кои би била преземена одговорност. Вели дека сите политички партии кои имаат јасна цел, а тоа е европска иднина на државата како полноправна членка на ЕУ секогаш имаат отворена врата за соработка.
„Политичките партии кои имаат јасна цел, а тоа е европска иднина на државата како полноправна членка на ЕУ, за што јас лично се залагам заедно со парламентарното мнозинство и сите партии кои се залагаат за владеење на правото, борбата со корупцијата, справување со кризата секогаш имаат отворена врата за соработка со мене и тоа го потврдувам на заеднички состаноци со нив. За соработка на повисоко ниво од такви разговори секако дека секогаш постои можност, но тоа го оставам на идниот период што е пред нас бидејќи сепак се работи за нешто за што е потребен договор меѓу повеќе субјекти“, изјави Ковачевски.
Тој додаде:
„ДУИ знае за моите контакити со останатите партии со кои делиме заеднички вредности и во тој дел сите информации се споделени многу транспарентно и се сите политички партии во коалцијата на исто ниво информирани“.
Comments are closed for this post.