Дел од студентските домови се наоѓаат во добра состојба. Сепак, со министерот за образование Јетон Шаќири разговаравме за тоа оние студентски домови што се во лоша состојба, во текот на 2023 година да бидат вклучени во планот за инвестиции, што ќе опфаќа комплетно реновирање на санитарните чворови, и на се она што е потребно да се реновира, изјави премиерот Димитар Ковачевско одговорајќи на прашање на МИА во врска со неговиот став за студентските домови по денешниот увид на градежни работи на тунелот Кичево-Охрид.

Тој напомена дека во добра состојба е студентскиот дом „Гоце Делчев“, во чие што реновирање и во чија што дигитализација, како што рече, лично учествувал од позиција на една од неговите претходни работни места.

А дали јас би го пуштил моето дете во студентски дом – да, би го пуштил детето во студентски дом, затоа што таму ќе научи како живеат децата од Македонија, кои секојдневно патуваат од други градови и се борат за својата иднина, да завршат факултет, да станат добри и достојни граѓани, а ја немаат привилегијата мама и тато да им готват трипати на ден топол оброк, и за време на паузите да сеат во топла соба, одговори Ковачевски.

Според премиерот, студентски стандард не значи само студентски оброк.

-Во студентски стандард спаѓаат стипендиите за добрите ученици од средните училишта, кои немаат доволно финансиски средства да студираат, и токму затоа ги изедначивме стипендиите. Студентскиот оброк пак, е воведен токму од оваа Влада. Ние студентите мора да ги почитуваме бидејќи тие се иднината за државата, појасни Ковачевски.