Пред некој ден добив информација дека на 4 ноември оваа година, Институтот за историски проучувња при Бугарската академија на нуките (БАН) организира национална тркалезна маса на тема „Имало ли фашистички режим или фашистичка управа во Бугарија?“. Притоа, главните прашања кои ќе се дискутираат ќе бидат:

1. „Какви се основните карактеристики на фашистичкиот тоталитарен режим,

2. Какви се карактеристиките на политичката управа воспоставена во Бугарија по 19 мај1934 година и

3. Како еволуира политичкиот режим во Бугарија, особено во периодот 1941–1944 година“, пишува проф. Тодор Чепреганов за Пресинг ТВ.

На бугарските колеги им посакувам успех во нивната работа со надеж дека ќе соберат храброст самокритички да се осврнат на сопствената историја и да ја изнесат целата вистина за тоа каде во периодот меѓу двете светски војни се движеше бугарското општество.

Интересно е што ова не е прв пат во бугарскиот научен дискурс да се зборува за фашизмот. Во 2016 година беше објавен зборникот „Неофашизам: суштината и современите манифестации“, чии автори се осврнуваат на фашизмот и неофашизмот во Бугарија од сите аспекти до денес. Но, по се изгледа дека тоа не било доволно и јасно во текстовите објавени во тој зборник, па ајде сега повторно ќе се прави осврт за улогата на Бугарија во тој период. Треба да го дочекаме крајот на тркалезната маса за да видиме дали нејзината цел е врз база на „ново откриени документи“ и „толкувања“ бугарските научни работници да му дадат нов наратив и дали ќе го рехабилитираат бугарскиот наци-фашизам од 1934 година до 1944 година.

За што всушност ќе расправаат бугарските научни работници на округлата маса во БАН!? Ќе ја ревидираат историјата во однос на наци-фашизмот во Бугарија како што го правеле многу пати во историјата!?-прашува професрот?

Ќе креираат нова колективна меморија на своите сограѓани за тоа дали Бугарија била наци-фашистичка држава или не!? Ќе го заборават Холокаустот и екстреминацијата на 98% од Евреите во Македонија?! Дека биле антифашисти, а не наци-фашисти!? Ќе ги негираат убиствата и теророт во Македонија во текот на Втората светска војна!?

Несомнено темата на националната округла маса е многу интересна пред се и од фактот што и ние сме засегнати преку договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија. Посебно треба да бидат заинтересирани копретседателот и членовите на Комисијата за образовни и историски прашања. Веројатно драгоцена би им била и помошта од поранешниот премиер Зоран Заев. Тој и копретседателот со своите претходно искажани настапи и ставови се имаат изјаснето дека Бугарија не е фашистичка држава. А кој знае, може да се и поканети?! Во рехабилитацијата на бугарскиот наци-фашизам како да сме малку понапред од бугарските колеги.

Уште на 25 ноември 2020 година З.З. излезе со став дека „Бугарија не е фашистичка земја. Бугарија е наш пријател. Новите генерации не ја знаат оваа реалност и тоа мора да не обедини…Во тоа време, на почетокот, имаше администрација. Потоа Бугарија се приклучи кон антифашистичкиот фронт“. Само неколку дена потоа кон ова се приклучи и копретседателот на Комисијата за историски и образовни прашања академик Драги Горѓиев кој излезе со став дека „мисли дека Бугарија не била фашистичка држава“. Но, на 6 февруари 2022 година во интервју за Радио Слободна Европа, не само што мисли, туку и категорички тврди дека „Бугарија не може да ја дефинираме како класична фашистичка земја, како што може да се каже за фашистичка Италија или нацистичка Германија.

Ние може да ја третираме Бугарија како пронацистичка и профашистичка земја, меѓутоа Бугарија не е фашистичка држава во тоа време“. Сигурно дека оваа констатација и тоа како и оди во прилог на Бугарија, уште повеќе што е изјавена од две не случајни личности, туку од тогашен премиер и академик, актуелен копретседател на Комисијата. Овие нивни изјави ми личат на поговорката „брзата кучка слепи кучуња раѓа“. Бугарите, денес повторно ќе расправаат дали Бугарија била фашистичка држава или не, а во Македонија премиерот како претставник на државниот врв и претставникот на Академијата, Горѓиев, веќе го имаат решено тоа прашање. Според она што го имаат кажано, нивното присуство таму е неопходно потребно, бидејќи ќе ги просветлат Бугарите и ќе им кажат и потврдат дека Бугарија:

а) не била наци-фашистичка држава,

б) не била окупатор,

в) дека ја администрирала Македонија,

г) дека сме еден ист народ,

д) дека јазикот ни е јазична норма на бугарскиот,

ѓ) дека ја ослободиле Македонија,

Со тоа, секако, многу би придонеле во донесувањето на заклучок на националната тркалезна маса на БАН дека Бугарија неоправдано се третира како наци-фашистичка држава и дека во Македонија за време на Втората светска војна се водела граѓанска војна и се било во најдобар ред.

Секако дека за поздравување се научните работници од Бугарија, кои не бегаат од фактите и имаат сила да се лустрираат за она што го направиле нивните предци и не бегаат од судот на историјата. Тоа најдобро го покажува доц. д-р Минчо Најденов, кој во својот напис „Неофашизмот денеска и борбата против него“ ќе истакне:

„Во Бугарија, фашистичката диктатура е воспоставена на 9 јуни 1923 година, кога политичката група Народен Сговор со крвав пуч ја собори легитимната влада на Бугарскиот замјоделски сојуз (БЗНС). Бугарскиот фашизам е антидемократски, антисоцијален, со јасни форми на насилство врз општеството. Тие беа особено видливи во бруталното задушување на Септемврското востание во 1923 година и во априлските настани од 1925 година, кога беа убиени илјадници работници, селани, левичарски интелектуалци, писатели, новинари и прогресивни граѓани. Во суштина, во 1923 година кај нас започна небјавена граѓанска војна, која траеше до 9 септември 1944 година.

Фашизмот во Бугарија покажува најцелосен и најбрутален ѕверски мизантропски облик во периодот 1941-1944 година, кога на целата територија на земјата избувна моќна антифашистичка борба.

За разлика од Југославија, Грција и Албанија, каде што државниот и полицискиот апарат беше тотално поразен, бугарската антифашистичка борба дејствуваше под целосно зачувани државни структури, војска и полиција.

Уште повеќе, фашистичката влада донсе Закон за заштита на фржавата и беа формирани жандармерија и специјални ловни единици, кои заедно со војската и полицијата ги гонеа и убиваа антифашистите. Во различни битки загинале 9.140 герилци и борбени групи, 31.250 бугарски државјани биле приведени во затвори и концентрациони логори, а полицијата запалила 2.139 куќи на антифашисти.

И уште нешто, на 18 ноември 1944 година министерот за народна просвета на Бугарија, Чолаков, ги наоѓа „за виновни во смисла на Законот за прочистување, затоа што биле предводници на фашистичката идеологија и ја заслужуваат казната пензионирање…“ 45 професори од Универзитетот. А, Цола Драгојчева ќе истакне „Универзитетот беше расадник на реакционерни фашистички и велико бугарски идеи. Тешко можеше на Универзитетот да влезе прогресивен професор…Како втора основна задача…било прочистување на универзитетските дисциплини од сите фашистички, велико бугарски, схоластички и секакви ненаучни елементи“. Од крајот на декември 1944 до април 1945 година Народниот суд во Бугарија имал „64 состави – 4 врховни и 64 областни. Формира 135 процеси со 11.122 обвинети. Од нив на смрт се осудени 2.730 души (вклучувајќи 3 регенти, 22 министри, 8 царски советници, 67 пратеници, 47 генерали и полковници и т.н.“ Сите биле осудени како фашисти или соработници на фашистите.

А ШТО ТОА БЕШЕ ТЕМАТА НА НАЦИОНАЛНАТА ТРКАЛЕЗНА МАСА?!