За оваа година имаме комплетно обезбедено финансирање на Буџетот и тоа за сите функции кои се предвидени. Исто така имаме предвидено и депозит, кој ќе биде префрлен за идната година, изјави вчера премиерот Димитар Ковачевски во „360 степени“ на Алсат М.
Тој додаде дека завршувањето на буџетската година не значи дека финансикиот тек завршува, бидејќи потоа доаѓа следна година во која повторно треба да се финансира буџетски дефицит, но и враќање на задолжувањата од претходно.
– Дали ќе ги вратиме тие кредити со финансиски средства што ќе ги обезбедиме на европскиот пазар или ќе ги обезбедиме и со комбинација на инвеститори што доаѓаат, на пример, од Обединетите Арапски Емирати, е прашања на каматните стапки и на условите што ќе ги обезбедиме, рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека договорот на Владата и ММФ потврдува дека државата води здрави економски политики, дека има стабилен фискален и монетарен систем.
– Сите проекти што ги имаме во државата се разгледуваат од страна на ММФ. Она што беше важно да се истакне за Коридорот 8 и Коридорот 10, кој што со закон во Собранието се изгласа да го гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ е што договорот ќе биде направен врз основа на анализа на независна избрана меѓународна консулатска куќа, која ќе биде совет на Владата во детализирањето, изјави Ковачевски.
Тој додаде Законот за изградба на овие автопати и договорот со „Бехтел и Енка“ ќе резултира со автопати на Коридорот 8 и Коридорот 10 на кој ќе возат македонските граѓани и компаниите со своите превозни средства и кој ќе биде значајна инфраструктура за поврзување на земјава со Албанија и пристаништата во Албанија.
– Преку Коридорот 8 ќе се поврземе со Албанија и со пристаништето во Драч што значи нови можности за нашата економија, бидејќи ние во моментов имаме пристап едиснтвено до пристаништето во Солун. Со отворањето на пристап до Драч и со инвестициите што се преват во Коридорот 8 кон Бугарија, значи дека ќе може да отвориме пристап и до пристаништето во Бургас, со што ќе станеме крстосница на Балканот рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека изградбата на автопатите од страна на „Бехтел и Енка“ ќе започне веднаш по склучувањето на договорите, прво со консултантската куќа, потоа и со изведувачите, за што верува дека може да се случи до крајот на годината
Comments are closed for this post.