Поранешниот генерален секретар во Владата, Мухамед Зеќири, сведочеше против неговиот претходник во оваа институција, Драги Рашковски. Обвинителката Ивана Трајчева го прашуваше за системите кои ги имаше набавено Рашковски, како што е софтверот за кој вештак кажа дека не се ни вклучувал, но и за системот за биометриска идентификација во кој според Обвинителството требало да мери работно време.
– Не бев запознаен со софтверот за определување на просечна брзина и одредување на казни“, кажа Зеќири, на што обвинителката праша „дали генералниот секретар може да изрекува казни и определува просечна брзина“ и доби одговор „барем јас како што знам, тоа не го прави Владата“.
Зеќири кажа дека кога се набавува софтвер за друга институција (МВР) тогаш треба тоа да биде побарано, потоа, да се донесе одлука на Влада, па да се набави и примо-предаде.
-Откако се запознавте со софтверот, дали во Генералниот секретаријат, пронајдовте одлука на Владата за набавка на овој софтвер?“, праша Трајчева, а Зеќири одговори „јас се запознав откако се отвори случајот и од вас добивав одговори на одредени прашања. Од мојот кабинет проследуваа до службите на Владата и тоа ви беше проследено до вас како Обвинителство. Во одговорот пратен до вас, стоеше дека не постои одлука“.
Обвинителката праша „дали ви е познато дека се вршени проверки во генералниот секретаријат за ваков вид на софтвер, пред да се набави софтверот?“, a Зеќири одговори „точно не се сеќавам, мислам дека не беше“, по што посочи дека софтверот не бил ставен во функција додека бил генерален секретар.
Трајчева праша „дали ви е познато дали Владата и Ген сек може да врши биометриска идентификација на граѓаните во Владата“, на што Зеќири одговори „тоа не ми е познато, вработените имаат картички со кои се куцаат кога доаѓаат и кога заминуваат“.
Обвинителството прашуваше и за металните кабини набавени од Рашковски.
„Дали ви е познато дека за овој систем (биометриска идентификација во Влада) се набавени метални кабини“, праша Трајчева, а Зеќири одговори „за тоа бев запознаен покасно, кога стигна од вас барање за да се провери дали постои такво нешто во Владата“. Трајчева потоа праша „дали ги видовте овие кабини?“, на што Зеќири одговори „ако не грешам имаше комисија, беше утврдено каде се наоѓаат и беа прикажани слики. Тие биле во просториите на стаклара и прашав зошто не се во Влада, а ми кажаа дека се големи и нема каде во Владата да се складираат и затоа се сместени таму“.
Откако Рашковски се повлече од функцијата, Зеќири направил и вонреден попис.
– Се утврдуваше каде се наоѓаат предметите за кои прашувате, кажа Зеќири на прашањето зошто е правен пописот.
„ Дали го најдовте системот за биометриска идентификација“, праша Трајчева, а Зеќири кажа „не се сеќавам, тоа што е дадено во одговорот, стоиме зад тоа“.
Обвинителката праша „дали на седниците на кои учествувате се сеќавате дали се разговарало за софтверот за одредување на просечна брзина во сообраќајот и системот за биометриска идентификација?“, а Зеќири одговори „на седници на кои јас сум присуствувал – не“.
Надворешните соработници во Владата, за кои обвинителката тврди дека биле ангажирани со авторски договори, но не работеле и дел од парите кои ги добивале ги враќале кај Рашковски, кога Зеќири ја извршувал функцијата генерален секретар – не ги запознал.
-Добив список на увид, со луѓето кои се ангажирани како надворешни соработници. Лично не ги запознав. Само како имиња, не ги познавам“, кажа Зеќири, на што обвинителката праша „дали знаете за што биле ангажирани?“, а Зеќири одговори „точно не се сеќавам за поединечно, но повеќето работеле со екс генералниот секретар“.
Comments are closed for this post.