Доколку ракометарот Денис Тот немал повреда на ‘рбетниот мозок, ќе преживеел. Ова го покажува вештачењето на Александар Станков, директор и доктор во Судска медицина при обдукција на телото.
Оваа повреда Тот ја добива при падот, по првиот удар од страна на првообвинетиот Анџело Ѓорѓиевски. Докторот Станков вели: „Доколку таа повреда би ја немало, тој би можел да преживее“.
-Доколку ја немал повредата на ‘рбетниот мозок и ги имал другите повреди, би имал многу поголеми шанси да преживее, отколку кога би ја имал повредата на ‘рбетниот мозок, кажа Станков.
Тој објасни дека сите повреди кај Тот се здобиени преку удари.
-Повредите со кои се здобил Денис Тот се повреди кои се настанати под тапа сила, крвни подливи во пределот на лицето, со скршување на десната страна од носната коска, крвни подливи на меката поглавина… нагмечување на големиот мозок, нагмечување на вратниот дел од ‘рбетниот мост, односно високо во близина на продолжението мозок, додаде Станков.
Ударот во главата во тврда површина бил клучниот момент. Тој се случил кога Тот бил со бокс удрен од страна на обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски.
-Како причина за смрт, наведено е дека смртта настанала поради нагмечување на големиот мозок и нагмечување на ‘рбетниот мозок. Меѓутоа, како критична повреда за смртниот исход, врз основа на целокупната клиничка слика, е повредата на почетниот дел од ‘рбетниот мозок, објасни докторот и вештак.
Тој дообјасни како станале повредите од тапа-тврда сила, кои можат да настанат од удар, при пад, при судар доколку телото и објектот се движат еден кон друг.
-Нагмечувањето на мозочното ткиво настанало поради делување на сила во пределот на тилната регија на главата, а тоа се случило при падот. Додека, пак, повредата на почетниот дел на ‘рбетниот мозок е настаната поради ротациските движења на главата предизвикани од ударите во пределот на главата, додаде Станков.
Ни побрза реакција на докторите од Итната медицинска помош и Клиничкиот центар немало да го спасат Денис Тот, посочи докторот и вештак Станков.
-И со таа повреда што ја има на ‘рбетниот мозок, не верувам дека некој ќе го спасил. Таа не се оперира. Притоа има повреди на големиот мозок, како поради повредите, така и поради престанок на работата на срцето па и дишењето, поврзано со повредите кои се зададени. Третманот кој му е пружен на сега покојниот би се пружил и ако веднаш се видени тие повреди. Доколку преживеел подолго време и му била направена втора компјутерска томографија, тогаш сигурно би се виделе овие повреди, додаде тој.
Comments are closed for this post.