Се надевам дека во Македонија ќе се спроведе ист таков процес на консолидација во однос на тоа што ние можеме да направиме во позитивна смисла, зашто за жал, додека ние вака или онака имаме некаков национален консензус во однос на Македонија, кај нив тоа не се гледа многу јасно. Таму има една партија, која е отворена за дијалог со Бугарија, колку тој и да е тежок, и друга, која е против. Значително полесно ќе ни биде ако успееме за партнер да ја имаме државата, а не одделни партии, зашто таму има ризик од пресврт.
Ова меѓу другото го изјави техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, на неговата прва официјална средба со новинарите во Софија на која ги промовираше државните надворешно-политички приоритети.
Со ова, Николај Милков, кој во министерската фотелја стигна од амбасадорската позиција во Париз, што значи дека бил еден од директните учесници во преговорите околу францускиот предлог, отворено призна дека преговарачкиот процес од македонска страна се води по партиска, а не по државна линија! Што значи дека за Бугарија е неприфатливо зад потписите и прифаќањето на францускиот предлог да стојат само СДСМ и ДУИ, како носители на власта во Македонија.
Оттука и заложбата на Милков за менување на состојбата, па како партнер да ја имаат државата Македонија. А, тоа води кон потребата од постигнување општ политички консензус во земјата, што е малку веројатно со оглед на непоколебливиот став на ВМРО-ДПМНЕ за менување на Уставот и вметнување на македонските Бугари во него како конститутивен народ.
Сега фактички власта ја плаќа цената од нетранспарентноста на целиот процес, лагите и не вклучувањето и навременото запознавање на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ со содржината на сите три нераскинливи документи од францускиот предлог.
Comments are closed for this post.