Седницата на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на која претседателот на Собранието, Талат Џафери требаше да одговара за прекршување на Етичкиот кодекс поради пцуењето на собраниски службеници заврши пред да почне.
Откако претседателот на Комисијата, Панчо Минов го стави дневниот ред на гласање со единствена точка на дневен ред поднесената пријава од опозицијата за Талат Џафери, пратениците од власта гласаа против дневниот ред со што седницата не можеше да продолжи.
Па така, Минов, по само една минута заседавање, констатираше дека дневниот ред не е усвоен и ја затвори седницата.
Со последните измени на Етичкиот кодекс, пратеник кој направил тешка повреда на Кодексот, за каква се товари Џафери, може да биде казнет освен со јавна опомена, и со суспензија од членство во работно тело во рок од еден месец или пак забрана да претседава со работно тело во времетраење од еден месец.
Минатата недела претседателот на Собранието, Талат Џафери рече дека тој пцуел за неработењето и за односот, што вработените го имале кон работата, а не ги пцуел нив.
Веднаш по ова ВМРО-ДПМНЕ побара оставка од претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања Панчо Минов.
-Од денеска етичкиот кодекс не постои. Вака функционира двоецот СДСМ-ДУИ, секогаш кога треба да понесат одговорност, тие бегаат. Ова денеска ќе остави лузни врз демократијата. Но, одговорност ќе има, затоа на 18 јуни излезете масовно на протест, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Тој рече дека по ова не се надева ни дека ќе има интерпелација против Талат Џафери.
Comments are closed for this post.