Вградување на бугарските услови во преговарачката рамка за РСМ, откажување од сегашната позиција и замена со временски и просторно одложени очекувања или задржување на актуелната бугарска позиција?

 

Иако сите членови на владејачката коалиција тврдат дека нема услови за промена на сегашната бугарска позиција и дека таа ќе остане иста, информациите за претстојното укинување на ветото за РСМ се повеќе од случајни и спорадични, објавува денеска БГНЕС во нова анализа под наслов „Ќе го укине ли Бугарија ветото за почеток на преговорите за членство во РСМ во ЕУ?“

„Ваквите индиции, но и конкретните обвинувања кон премиерот Кирил Петков, не доаѓаат од други места, туку од официјални претставници на партиите во коалицијата. Самата министерка за надворешни работи, г-ѓа Генчовска, постојано споменуваше постоење на две надворешни политики, а се жалеше и на некоректна интервенција на луѓе од тимот на премиерот на нејзината област на оваа тема. Какви и да се потезите на претставниците на двете надворешни политики и на европските лидери и институции, тие ќе се случат во следните неколку дена“,

се вели во текстот.

Што е следно?

Ако некој си поставил цел во рамките на француското претседателство да има „пробив“ со кој РСМ може да ги започне преговорите за членство во ЕУ, според БГНЕС, формално тоа може да се случи само на 23 и 24 јуни, кога ќе се одржи последниот Европски совет под ова претседателство.

„Дел од програмата на овој совет е планирана и за таканаречениот „Лидерски состанок ЕУ-Балкан“, на кој заедно со европските лидери ќе присуствуваат и премиерите од Западен Балкан. За да биде донесена конечна одлука од највисокото европско тело, таа мора претходно да биде подготвена, договорена и одобрена со целосно едногласност на неколку пониски тела во европската хиерархија. Пред сè, ова е Советот за општи работи каде земјите се претставени од нивните министри за надворешни работи, односно Бугарија е претставена од министерката за надворешни работи, г-ѓа Генчовска, а состанокот е закажан за 21 јуни. Самиот Совет за општи работи, пак, го подготвува Корепер, составен од постојаните претставници на земјите-членки во Брисел, а за Бугарија тоа е амбасадорот Румен Александров чија седница е закажана за 15 јуни, а предлогот за РСМ мора да се достави до него“,

пишува БГНЕС.

Од агенцијата исто така потсетуваат дека иако евентуалната одлука за укинување на бугарското вето е целосно во надлежност на бугарската влада, премиерот Кирил Петков во неколку наврати изјави дека таквиот чекор нужно ќе помине преку Народното собрание. А за да се случи тоа, се вели натаму, пред седницата на Корепер на 15 јуни, бугарскиот парламент на редовните седници на 7, 8 или 9 јуни мора да расправа и одобри документ врз основа на кој Министерството за надворешни работи ќе го подготви официјалниот став на Бугарија пред различните нивоа на Европскиот совет.

Каква е моменталната бугарска позиција?

 

БГНЕС во денешниот текст потсетува на што се заснова позицијата на Бугарија за почеток на преговорите за членство во ЕУ: Тоа се четири фундаментални документи – Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од август 2017 година, владиниот рамковен став од октомври 2019 година, по што следи декларацијата на Националното собрание и одлуките на Консултативен совет за национална безбедност под раководство н претседателот на државата од јануари 2022 година.

„Рамковната позиција, на која се однесуваат другите два документи, јасно и детално ги опишува условите и фазите што PCM мора да ги исполни за да започне преговарачкиот процес. Рамковниот став е експлицитно наведен и во коалицискиот договор на четирите политички субјекти кои го сочинуваат актуелното владејачко мнозинство. Скопје досега исполни само еден од условите, а тоа е да испрати дипломатска нота во која ќе се прецизира дека употребата на краткото име РСМ ‘Македонија’ не изразува територијални претензии кон соседните земји. Кај други услови, напредокот е нула“,

пишува БГНЕС.

Како може Софија да го укине ветото на PCM?

 

Понатаму во текстот, БГНЕС анализира три претпоставени ситуации за решение.

„Ако претпоставиме дека владејачката коалиција и бугарскиот премиер се искрени во нивните тврдења дека бугарскиот став и услови остануваат непроменети, тогаш единствената практична можност Бугарија да се согласи да даде согласност за РСМ за почеток на преговорите за членство во ЕУ е ако бугарските условите се целосно вградени во самата преговарачка рамка, која Европскиот совет ќе ја одобри за PCM. Само така бугарската страна би имала какви било гаранции дека условите што ги има за Скопје во иднина ќе бидат запазени и исполнети. Во случај на непочитување, Софија би имала легитимно право да го санкционира – преку Европскиот совет и неговите формати, неусогласеноста за која станува збор“,

се вели во текстот за првата теоретска можност.

Но, за да се случи тоа, бугарската страна мора во преостанатите денови да ги убеди своите европски партнери дека бугарските услови можат и мора да се појават како „европски“ услови во преговарачката рамка за РСМ.

„Постои втора, теоретска можност во која Софија би можела да го укине ветото – ако и покрај многуте ветувања, бугарската влада сепак се откаже од сегашната позиција и ја замени со нови, посакувани, заеднички, временски и просторно одложени очекувања и се обиде тоа да и го претстави на јавноста како мала уредувачка промена“,

се вели за втората можност.

Но, во тој случај, според БГНЕС, слична промена ќе треба да се даде и на мнозинството во бугарскиот парламент, вклучително и по цена на евентуална поддршка од опозицијата и, како што се вели, игри со кворумот.

„Поддржана со помпа од европските и прекуокеанските лидери, „креативната“ одлука ќе се рекламира, се разбира, како огромен успех за бугарската влада и дипломатија“,

коментира БГНЕС.

И конечно, третата опција – бугарската позиција да остане непроменета и ветото да не се укине.

„Во оваа верзија, со право, ќе има многу разочарани, особено меѓу оние од другата страна на Осогово, на запад или преку океанот, на кои случајни луѓе им даваат неодговорни и наивни ветувања“,

завршува анализата на БГНЕС.

Пред неколку дена истата агенција завчера објави текст со сценарио за кревање на ветото на Бугарија, кое вклучува посета на Петков и Радев на Париз на средба со францукиот претседател Макрон.