Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија денеска ќе одржи координативна седница, на која ќе биде разгледана одлуката на Српската православна црква, која завчера прогласи канонско единство со МПЦ-ОА, што подразбира најширока можна автономија, но не и автокефалност.
На седницата, како што потврдија вчера за МИА извори од МПЦ-ОА ќе бидат разгледани и сите прашања, кои се појавија изминатите денови по одлуката на СПЦ и што тоа значи за нашата црква. Секако јавноста очекува и официјален одговор во однос на најавената литургија за помирување на архиепископот Стефан и српскиот патријарх Порфириј утре во храмот „Свети Сава“ во Белград, која веќе и официјално е најавена на страницата на СПЦ.
Литургијата, според информациите на СПЦ ќе почне во девет часот, а ќе сослужуваат сите архиереи на двете цркви. Патријархот Порфириј, како што наведуваат, српските медиуми, го повикал верниот народ во што е можно поголем број да присуствува на архиерејската литургија.
Соборот на СПЦ во одлуката, која ја донесе, наведува дека се „поздравува прифаќањето на општо признатиот канонски статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност на МПЦ, доделен во 1959 година“. Со ова, според српски извори е „решен спорот што датира од 1967 година кога Македонска православна црква се одвои од СПЦ“.
Comments are closed for this post.