Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) испитува зошто во Министерството за внатрешни работи со месеци го чувале во фиока решението за привремена забрана за работа на станицата за технички преглед „Виа комерц“, во која на последна контрола бил и автобусот на „Беса транс“ што изгоре во Бугарија.
„360 степени“ дознава дека обвинителството со кое раководи Вилма Русковска отворило предмет, кој засега е во фаза на предистрага. Според нивните сознанија, истражители од Обвинителството вчера го посетиле Министерството за внатрешни работи и од два сектора ја подигнале документацијата поврзана со случајот. Се постапува по кривична пријава од анонимни поднесувачи (група граѓани), вели извор за порталот.
„360 степени“ кон крајот на декември 2021 г. објави дека станицата за технички преглед „Виа комерц“ во село Глумово (Општина Сарај) била затворена три дена по трагедијата на автобусот на „Беса транс“ во Бугарија, иако пропустите во нејзината работа биле откриени повеќе од три месеци претходно.
Во телефонски повик до „Виа комерц“, пак, новинарите на порталот се претставија како заинтересирани потрошувачи, на што им кажаа дека техничкиот преглед сега работи, но со друго име. Дали оваа околност е нов случај сам за себе?
Comments are closed for this post.