Од вчера попладне Охрид започна да се полни со туристи од земјава и регионот кои во Охрид-Балканскиот Ерусалим ќе ја слушнат радосната вест за Христовото воскреснување. Хотелските капацитети се исполнети помеѓу 50 и 70 проценти, а солидно се искористени и индивидуалните сместувачки капацитети. Како и секогаш први на брегот од Охридското Езеро допатуваа македонските граѓани кои во Охрид поседуваат викендички или викенд станови.
За велигденските и првомајските празници сме моментално полни. Веќе објектите ни се полни со 70 проценти од тоа што очекувавме. Сега за летово се надеваме дека ќе биде исто така добро бидејќи имаме најава од странските тур-оператори со кои соработуваме кои ни го полнат капацитетот, имаме најава за 40 проценти подобри да сме од тоа што очекувавме“, вели Муса Рашид, сопственик на хотел.
И од туристичките агенции се задоволни од интересот за двата продолжени празнични викенди при што посочуваат дека на охридското крајбрежје покрај холандските, полските и гостите од други земји летово помасовно ќе дојдат и турските туристи кои до 2019-тата беа најбројни.
Доаѓаат туристи од Црна Гора, од Србија, имаме исто така најави од мојот партнер од Турција за кружните тури, значи Балканските кружни тури од Турција повторно се враќаат на овие простори. Бугарите повторно стануваат актуелни, како и оваа година се надеваме на повеќе гости од Босна и Херцеговина“, изјави Владо Суклоски-сопственик на туристичка агенција.
И иако дел од хотелиерите се оптимисти пред летната туристичка сезона некои експерти се повнимателни и велат дека многу нешта ќе зависат од економската криза којашто ги погоди и најбогатите европски земји што сигурно негативно ќе влијае и врз туристичкиот пазар.
Comments are closed for this post.