Љубовта меѓу црногорскиот кнез Владимир и ќерката на македонскиот цар Самоил, Косара е овековечена во плочата што беше поставена на плоштадот „Владимир и Косара” во Бар. Плочата е подарок од Македонија на иницијатива на Здружението за македонско-црногорското пријателство и Заедницата на Црногорците во Република С. Македонија, а на церемонијата присуствуваа претседателите на Македонија и Црна Гора, Стево Пендаровски и Мило Ѓукановиќ. Спомен плочата е дело на македонскиот уметник Томе Аџиевски, до сега се чувала во Ресен, јавува специјалниот известувач на мкд.мк, Жана П.Божиновска.
Македонскиот претседател Пендаровски на церемонијата кажа дека „поставувањето на ова спомен обележје претставува симбол на блискост и културно-историската врска помеѓу С.Македонија и Црна Гора”.
Плочата, како што рече, е во спомен на ликот на црногорскиот кнез Владимир, неговата храброст и човечките идеали, како и во спомен на легендата за неговата љубов со македонската принцеза Косара, ќерката на цар Самоил, која е опеана во „Летописот на попот Дукљанин.”
Легендата кажува дека црногорскиот кнез Владимир за време на војната со Цар Самоил бил заробен и затворен во Преспа. Во него се вљубила ќерката на Самоил, Косара. Нејзината љубов била толку силна што му рекла на татко ѝ дека ќе се убие ако не се омажи за него. Од страв да не ја загуби ќерката, царот попуштил. Заедничкиот живот двајцата вљубени го почнале во дворецот, во близина на манастирот Пречиста крајнска во близина на денешното село Острос. Но, по смртта на царот Самоил него го наследува синот Владислав.
Според легендата, тој го повикал Владимир во посета на Преспа, а како гаранција дека нема од што да се плаши му испратил златен крст. Владимир бил свесен за превртливоста на Владислав и побарал дрвен крст, бидејќи на таков крст бил распнат Исус. Владимир стигнал во Преспа со дрвениот крст в раце и веднаш на влезот на црквата бил убиен. Свирепоста на својот брат и губењето на големата љубов Косара ја оплакувала како монахиња во манастирот Пречиста крајнска каде што го пренела телото на својот сопруг, а подоцна и самата била погребана покрај него.
Инаку спомен плочата е изработена македонскиот скулптор Томе Аџиевски пред неколку години, но досега се чувала во Ресен, за сега да биде пренесена во Бар, каде што најмногу се негува култот кон кнезот Владимир, кој се смета за заштитник на градот.с
Со церемонија заврши официјалната посета на Пендаровски на Црна Гора, а двајцата претседатели на плоштадот во Бар се задржаа кусо време во разговор и со новинарите.
Comments are closed for this post.