Синдикатот на управата, правосудството и здруженијата на граѓани (УПОЗ) денеска го реализираше најавениот протест со двочасовен прекин на работата во сите министерства, агенции, фондови, управи и судови каде имаат синдикални организации.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деановски во изјава за медиумите обелодени дека во одредени институции има притисок врз вработените поради што тие не се надвор од работните места, но се организирани и протестираат со прекин на работата внатре во институциите.
-Не бараме многу. Бараме линеарно зголемување за сите плати за 2.806 денари, исплата на минимална плата по закон и потоа корекција на платите на сите вработени кои треба да добијат над минималната плата. Ситуацијата не е одржлива. Сите вработени добија под минимална плата. Редно време е Владата да најде средства и да ги зголеми еднаш за секогаш платите во администрацијата, рече Деановски.
Ќе се протестира и утре со прекин на работата од 10 до 12 часот, а следните чекори Синдикатот ќе ги преземе во консултација со сите вработени.
-Нема да дозволиме ниту еден вработен да биде казнет. Сите понатамошни чекори на незадоволство ќе ги правиме на тој начин за ниту еден вработен да не биде засегнат со плата, бидејќи тоа се чека. Да излеземе на штрајк и потоа да ни ги скратат платите. Ако треба, ќе измислиме нови начини на прекин на работа само за да ги заштитиме вработените, рече Деановски.
Прашан дали е крајно време да се обединат сите синдикати во земјава како по примерот на Грција, Деановски рече дека се отворени за соработка, но дека споредба со Грција не може да се прави бидејќи таму има два синдиката – за јавен и за приватен сектор. Посочи дека имаат добиено многу пораки во кои другиот синдикат им вели на нивните членови да не излегуваат на протест бидејќи ќе бидат изиграни.
Според претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски, треба да се усогласат барањата на синдикатите.
-Барањата не се исти. Ние имаме барање за линеарно зголемување за сите вработени за 2.806 денари. Прво треба да ги усогласиме нашите барања, изјави Димовски.
Од Законот за административни службеници, кој е во собраниска процедура, не се задоволни ниту од Синдикатот на УПОЗ. Вчера незадоволство од овој закон изрази и Кондеферацијата на слободни синдикати.
Два часа беа надвор и членовите на УПОЗ во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски. Протестираа и членовите на Синдикатите во Јавните обвинителства, во Агенцијата за катастар, Државниот завод за статистика, во Основниот граѓански суд, како и во некои министерства.
На Светскиот ден на здравјето – 7 април, на мирен протест пред Министерството за здравство излегоа и лекарите. од каде ќе ги изнесат нивните барања.
-Управниот одбор на ЗПЛРМ донесе одлука да на 7 април да има протести на здравствени работници пред Министерство за здравство во Скопје во 12 часот, е наведено на страницата на Здружението на приватни лекари.
Меѓу другото, тие бараат капитационен бод од 90 денари, промена на режимот на лекови и важење на препораките за хронична терапија, да се промени казнената политика, електронско здравство, како и да се променат буџетите за специјалисти и лаборатории.
-Сето ова го бараме за нашите пациенти и за опстанок на примарното здравство. Само кај нас има неограничен број на услуги со ограничени финансиски средства. Огромен број на услуги не се платени. Триесет години добиваме исплата на нашиот труд со каснење од по неколку месеци! За прв пат имаме министер за здравство од примарно ниво и заменик министер кој ги разбира нашите проблеми. Владите се менуваат, но никако да не стават во план на нивниот буџет, потенцираа од Здеужението.
За понеделник, пак, најавен е штрајкот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), кој е грански синдикат на Конфедерацијата на слободни синдикатисо барање веднаш да се зголемат платите за 18,4 проценти и потоа да се бара системско решение за усогласување на останатите плати. Синдикатот веќе двапати се сретна со претставници на Владата, но досега нема никаков договор.
Comments are closed for this post.