Како дошло до тоа 242.579 граѓани или 13,21% процент од попишаното резидентно население се изјасниле само како Христијани, без притоа да ја изјаснат својата религиска група (православни, католици, протестанти итн.). Ова е едно од прашањата кои се најнејасни во врска со податоците од пописот објавени вчера од Државниот завод за статистика.
Оваа графа е трета по големина во изјаснувањето за религиската припадност, а голема е бројката од 132.260 луѓе или 7,2% кои влегуваат во административно попишаните и за нив нема податок каква е нивната припадност.
Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски смета дека причината за ова е што пописот не бил добро подготвен. Во изјава за „Сител“ тој потсетува дека попишувачи се бараа во последнот рок, и немаше време вистински да се подготват.
-Ние имаме во иста категорија, тоа е религиска припадност, вметнато повеќе методолошки неконзистентни податоци. Значи, вие или прашувате религија, а тоа е Христијанство, Ислам, Будизам, Агностици итн. Или прашувате поконкретно, кадешто прашаувате освен за религија, всушност религиската деноминација. Бидејќи во секоја религија, особено во поголемите религии имате деноминации. Тоа е подгрупа во самата во самата религиозна група, објаснува Божиновски.
Александар Кржаловски, пак, во гостувањето во „Тема на денот“ во Дневникот на „Сител“ рече дека ќе треба да се провери самиот анкетен лист за да се види каде всушност е направена грешка.
-Не ми е јасно ова со „Христијани“. Не ми се верува дека таква грешка се провлекла во самиот формулар. Можно е самите граѓани да рекле дека се Христијани без да кажат дали се Православни, Протестанти или нешто трето, туку само рекле дека се Христијани. Малку е чудно и голема е бројката за таков пропуст да се направи. Може требало да се напише кај сите Православни Христијани, Христијани Протестанти и слично, па на граѓаните да им е јасно што се прашува, вели Кржаловски.
Најмалата религиска група во Македонија се Реформисти со само 50 припадници. 16 луѓе не се изјасниле за религиската припадност, а 76 се вметнати под графата „непознато“.
Comments are closed for this post.