Со збунувачка упорност за Западот, Владимир Путин ја прогласи „денацификацијата“ на Украина како една од основните цели на „специјалната воена операција“, што Руската Федерација ја спроведува од 24 февруари. Тој на прв поглед анахрон, па дури и безумен избор-и тој е навистина таков-е потполно разбирлив ако го пренесеме во историјата на советската политичка, а потоа и руска имагинација.
Во многуте текстови и говори, што и ги посветил на Украина по Евромајданот и руската интервенција во 2014 година со анексирањето на Крим, Владимир Путин никогаш не ја пропушта можноста да ги стигматизира „украинските националисти“, кои личат на „нацисти“. Така беше и во неговото ТВ обраќање од 3 март, една недела по почетокот на инвазијата врз Украина, во кое, меѓутоа, еден трет термин заслужува да биде споменат и коментиран, а не беше преведен во извештаите, емисиите, репортажите, па дури ни во титлувањето на говорот-тие украински националисти нацисти се, според Владимир Путин, “бандеристи“ (на руски „бандеровци“).
Зад тој мистериозен збор, кој всушност го дава клучот за Путиновата споредба на украинските националисти со неонацисти, се крие истовремено многу важна и спорна фигура, следствено митологизирана и демонизирана во украинската историја-Степан Бандера (1909-1959 г.). Вистинско плашило во рускиот „национален наратив“, но истовремено, од редица причини, и во полската колективна меморија, Бандера останува почитуван од некои денешни украински националисти. Но, надвор од тие кругови тој останува личност на чие повикување не е забрането.
Во два важни града во западниот дел на државата, Лавов и Тернопил, се издигаат статуи со неговиот лик. Во многу населени места во Западна Украина, како и во Киев, улчици го носат неговото име.
Степан Бандера е роден во 1909 г. во Галиција, област во Западна Украина, во тоа време дел од двојната австро-унгарска монархија. Тој е син на грко-католички свештеник, украински национален борец. Дедото на Бандера по мајчина линија исто така бил грко-католички свештеник. Овој факт не е анегдотски и заслужува објаснување. Зашто, дури и ако не треба да се преувеличува припадноста на Бандера кон таа црква, па и кон свештеничкото семејство, нема сомневање дека тој самиот таа припадност сигурно ја прифатил повеќе на политички и културен, отколку на чисто духовен план, како важен елемент на својот украински идентитет и националистички ангажман.
Грко-католичката црква е силно вкоренета во Украина, главно во западниот дел на државата. Како што кажува нејзиното име, таа црква е со грчки или византиски обреди, како тие што се користат во православните цркви. Но, за разлика од православните цркви, таа е во целосна заедница со Црквата во Рим. Во 1596 година, во Брест, град што денес се наоѓа во Белорусија, недалеку од украинската и полската граница, на синод т.е. на собор на „православни“ епископи, како што денес би рекле-а тогаш, повикувајќи се на нивната литургиска традиција, се велело „грчки“-таа го признава приматот на папата и на тој начин се одвојува од комуникацијата со патријарсите на Константинопол и на Москва.
Во тоа време, етнички речено, епископите се поставуваат како „рутени“- тој збор, чие значење, впрочем, е многу спорно поради искривениот историски развој, обично се користел за источните Словени, кои ја населувале територијата на огромната Полско-литовска држава, што го вклучувал западниот и централниот дел на денешна Украина. Како православни поданици на католичкиот крал и велик кнез на Полско-литовската држава, тие рутени се разликуваат од своите соседи на Исток-московјаните, поданици на православниот московски кнез или цар.
Сложен е контекстот на таа одлука. Од една страна, Константинополската патријаршија ослабува под веќе едно ипол вековното турско старателство; штотуку е создадена, во 1589 г., Московската патријаршија-новиот патријарх Јов ја добива својата титула од константинополскиот патријарх Еремија II, кој во тоа време бил во обиколка на Источна Европа: откако преживеал доста премержија, а потоа заминал и во егзил на Родос, тој сака да ја потврди својата духовна власт надвор од пределите на Османлиската империја и да собира дополнителни средства за задоволување на потребите на својата Црква… Од друга страна, во Полско-литовската држава се поголем дел од рутенското балгородништво преминува кон Римокатоличката црква-со латински обреди- и се полонизира. Според тоа, Брестката унија може да се толкува како обид на дел од рутенската епископија да ја сочува источнословенската црква со грчки обреди од латинизираниот и полонизираниот притисок на Западот, но исто така и од преуредувањето на црковните сили на Исток, меѓу неизбежно ослабената Константинополска патријаршија и зацврстувањето на новата Московска патријаршија, која сака да се наметне како природен заштитник на православните, кои живееле во соседната и непријателска Полско-литовска држава.
Овие настани од XVI век, неопходни за да се сфати од каде доаѓа украинската Грко-католичка црква, фрлаат светлина врз политичките и верските тензии, што до ден денес ја структурираат историјата на таа „Рутенија“, која се претворила во Украина, на крстопатот на полско-литовското, московското и византиското влијание. Припадноста кон таа Црква, католичка поради комуникациите со папата и грчка според традиционалните обреди, па според тоа ниту московска, ниту полска, станала силен маркер на украинскиот идентитет, очигледно без да се сведе на дела. Не случајно многу свештеници од таа Црква од XIX век енергично се ангажираат во популаризирањето на украинскиот јазик, култура и традиции.
И во такво свештеничко семејство се раѓа и расте Степан Бандера, кој на 19-годишна возраст, во 1929 година, и се придружува на чисто новата Организација на украинските националисти (ОУН), основана во Виена од Евген Коновалец, која има за цел да ги обедини веќе постоечките национални движења.
Бандера брзо станува еден од водачите на таа организација, која има намера со сила да ја штити украинската нација од „притисоците“ на новата полска држава на која и е даден голем дел од териториите населени со „украинскоговоречки“. Националистите од ОУН прибегнуваат кон убиства не само на полски личности, туку и на Украинци, кои се спротивставуваат на таа крвава борба. Меѓутоа, таквата пракса, потполно скандалозна и неоправдана во нашите очи, треба да се стави во целосно насилнички контекст на политичкиот живот во многу европски држави меѓу двете светски војни-политичките убиства не се реткост, како што покажуваат убиствата на Матијас Ерце бергер и Валтер Ратенау во Германија, на Енгелберт Долфус во Австрија, ада не ја заборавиме касапницата на шпнаската граѓанска војна, како и различните форми на елиминирање на противниците за фашистичкиот, националсоцијалистичкиот и советскиот режим.
Во борбата против Полјаците, Бандера природно го насочува својот поглед кон Германците, особено по 1933 година и заземањето на власта од страна на Хитлер-не може ли Рајхот да биде објективен сојузник на Украинците во нивната борба против полското владеење?
Поради убиството на полскиот министер за внатрешни работи, Бранислав Пиерецки, Бандера бил затворен во период од 1935 до 1939 година и бил ослободен благодарение на германскиот напад врз Полска. Во поделбата на државата, настаната како резултат на германско-советскиот пакт од август 1939 година, Бандера гледа можност за остварување на својата животна мечта-создавање на суверена украинска држава.
И тука започнува најпротивречниот период од животот на Степан Бандера, човекот кој во очите на Владимир Путин ја оправдува идентификацијата меѓу украинските националисти, бандеристи и нацисти. Меѓутоа, таквата споредба не го издржува тестот на историската анализа, зашто по поделбата на Полска меѓу Германија и СССР, украинското националистичко движење се дели, а Бандера е многу далеку од постигнувањето на единство. Освен тоа, дури и да нема сомнежи во симпатиите на Бандера кон националсоцијализмот и неговиот насилнички антисемитизам, претерано е неговото претставување како нацист од едноставна причина што самите нацисти не би го признале Украинецот како еден од своите, зашто и припаѓа на „пониска раса“ каква што биле Словените.
Бандеровиот проект за создавање независна украинска држава-барем номинално, зашто таа неизбежно би била фактички сателит на Рајхот-се соочува со категорчно одбивање од страна на Хитлер, кој има сосема други планови за огромната и плодна украинска земја. Сакајќи да го прошири Lebensraum (животното пространство) на ариевската раса далеку на Исток, фирерот предвидува грандиозна операција за германска колонизација, која природно ќе се оствари на штета на Евреите и Ромите, осудени на истребување, но исто и на Словените осудени на поробување и на депортација. Од наивност или од незнаење, Бандера не е во состојба да прифати дека неговиот проект за украинска држава е апсолутно некомпатибилен со хитлеровите планови-доброволно присоединувајќи се кон националсоцијалистите, тој во најдобар случај може да биде агент или пион во нивните раце, но не и државен водач, па дури ни идеолошки другар.
Проектите на Бандера се уште понеостварливи, зашто неговите лидерски амбиции не се прифаќаат од сите украински националисти. Во рамките на самата Организација на украински националисто (ОУН) тој доаѓа во судир со човекот, кој по убиството на Евген Коновалец во 1938 година во Ротердам, од агент на НКВД, го наследува на чело на Организацијата, Андриј Мелник (1890-1964 г.), кој во текот на 1939 година се враќа во земјата, по една година прогонство. Мелник сака да биде попретпазлив од Бандера во користењето насилство и во соработката со Германците. Како резултат на тоа недоразбирање, што истовремено е и личен и генерациски (Мелник е скоро 20 години постар од Бандера), па и конфликт околу методите, Организацијата на украинските националисти се дели на две непомирливи крила- со Бандера на ОУН-Б и со Мелник на ОУН-М.
Оттогаш натаму во Украина веќе нема единствена националистичка организација. Освен тоа, дури и пред поделбата, ОУН не може да претендира дека ги претставува различните тенденциии на украинскиот национализам, зашто не сите го поддржуваат принципот на вооружена борба.
Новата географија на Источна Европа, утврдена по германските и советските освојувања ( да не заборавиме, од страна на СССР нападот на Финска, навлегувањето на Естонија, Литванија и Летонија и на крајот, нападот на Романија), не трае долго, зашто Хитлерова Германија на 22 јуни 1941 г. ја започнува операцијата „Барбароса“ против Советскиот сојуз-германските сили брзо и длабоко навлегуваат на непријателска територија, а во тие рамки и на украинска територија, што СССР ги враќа во 1939 г. на сметка на Полска. Заедно со нив се бори и една украинска легија од неколку стотици луѓе, создаден по иницијатива на Степан Бандера.
Требало ли тогаш да се смета дека пред украинските националисти, па од таму и пред украинската нација ќе се отворат нови перспективи? Ќе стане ли возможно создавање на единствена украинска држава? Степан Бандера мисли така, но тој тежко се лаже. За да ја испревари ОУН-М, ОУН-Б, само осум дена по навлегувањето на СССР, еднострано го објавува претстојното создавање на украинска држава, предоредена да го заземе своето место до Голема Германија во новиот светски поредок, против московската и болшевичката потчинетост.
Така, Бандера и неговите следбеници многу непретпазливо се лишуваат од поддршката на Хитлер, кој носи наредба за методична конфронтација со украинскиот национализам, што треба да започне со ОУН-Б. Бандера, кој веќе четири години бил затворен од Полјаците и среќно ја избегнува егезекуцијата, одново е упасен на 5 јули 1941 година, по што е затворен во Германија.
Во тоа време, членовите на ОУН-М, за разлика од своите браќа непријатели од ОУН-Б, се обидуваат својата борба да ја водат по дискретно. Играјќи, исто така, на германската карта, мелникистите чекаат подобар момент за да прогласат независна украинска држава, зашто тое е и нивна цел. Тоа одолговлекување на ОУН-М и овозможува извесен простор за маневрирање пред Германците. Но, ОУН-Б, прогонета од страна на Германците, се впушта во најпогрешната политика, убивајќи ги мелникистите, несомнено полесни цели од германските офицери. Ефектот од тие убиства е катастрофален-Германците ги засилуваат репресиите против ОУН-Б, која ја обезглавуваат, но не ја елиминираат целосно, што се гледа од трагичните убиства на Полјаци, извршени во Западна Украина во текот на 1942-1943 г. од членови на Украинската востаничка армија (УВА), вооруженото крило на ОУН-Б. Истовремено, Германците го засилуваат набљудувањето на ОУН-М, која веќе е единствената структурирана и толерирана организација, што го олицетворува украинскиот национализам.
Во април 1944 година, Германците го ослободуваат Бандера, надевајќи се дека ќе го искористат за саботажи на Источниот фронт за да го спречат продорот на Црвената армија. Меѓутоа, тој проект брзо пропаѓа-застанувајќи директно на чело на Украинската востаничка армија (УВА) по своето враќање во Украина, Бандера се впушта во потполно залудна битка против Советите, Германците, Полјаците, па дури и против своите украински противници. На крајот на војната Украинската востаничка армија постепено се распаѓа-отпорот против Советите станува невозможен, така што во 1946 година Бандера Емигрира прво во Австрија, а потоа во Германија.
Тој се сместува во Минхен каде зима лажен идентитет за да избега од советските служби, а во меѓувреме во СССР тајно е осуден на смрт. Тринаесет години по бегството, во 1959 година, украинскиот агент на КГБ, Богдан Сташински, успева да го отруе Бандера во неговиот дом во Минхен.
Како што може да се види, патот на Бандера не е само хаотичен, туку и објективно е крвав. До извесна мера можеме да сфатиме дека пропагандата на Кремљ денес, исто како и за време на Советите, го идентификува како нацист, а како неонацисти ги третира оние кои во Украина го сметаат за позитивна фигура во историјата на земјата. За Германците поддршката на Бандера не е само тактичка-таа е резултат од неспорното привлекување кон националсоцијализмот, дури и ако како Словен, Бандера очигледно не можел да ги споделува ссите расни теории на Хитлер и неговите блиски соработници. Меѓутоа, треба да се подвлече дека покрај русофобијата, што во тоа време била широкот распространета меѓу украинските националисти, Бандера манифестира и жесток антисемитизам.
Ако се има предвид неговиот престиж меѓу дел од тогашното украинско население, како да ја оцениме неговата одговорност за докажаното учество на украинските соработници во жестоките геноцидни акции спроведувани од Einsatzgruppen? Тоа е тешко, дотолку повеќе што Бандера бил во затвор во Германија од 1941 до 1944 година. Неговот затворање, како и прогонот на членовите на ОУН-Б и на Украинската востаничка армија од страна на нацистите ја илустрираат целата двосмисленост на односите на Бандера и неговите следбеници со хитлеровите сили. На симпатизирањето на Бандера на националсоцијализмот, одговара презирот на нацистите кон тој Словен-неговата желба да соработува не му пречи да води самостојна и лична игра во обидот да прогласи украинска држава во јуни-јули 1941 година, што била исто така посебно несреќен обид за маргинализација на ОУН-М; ослободен од Германците во 1944 година за да стане нивен помошник против Советите, тој многу брзо се преобратува, станувајќи противник на Германците и во крајна линија, на сите оние кои не ги споделуваат неговите идеи, ниту неговата непромисленост.
Па така, бандеристи ли се денешните украински националисти? Лесно можеме да сфатиме дека фигурата на Бандера со неговата постојана русофобија е неподнослива за Владимир Путин. Меѓутоа, добро документираните врски на Бандера со националсоцијализмот не можат да се поистоветат со цврсти и сложени врски со нацистите, кои едноставно не можеле да го сметаат за еден од своите.
Да се каже, како што направи Путин на 3 март, дека „луѓето на Бандера и другите приврзаници на нацистите“ се „бореле заедно со Хитлер за време на Големата татковинска војна“ потполно го замаглува исто така неспорниот факт дека Бандера и многу од неговите приврзаници уште во првите денови на јули 1941 година, следствено на тоа многу брзо по почетокот на Големата татковинска војна, биле прогонувани од Германците. Некои аналитичари задоволно го истакнуваат забележителното присуство на некои националистички групи, кои го развиорија знамето на Украинската востаничка армија и се повикуваа на Бандера за време на Евромајданот од 2014 година. Меѓутоа, украинската историја, што уследи веднаш потоа, ја покажа маргинализацијата на тие партии и движења. Во замена за тоа, на Плоштадот на независноста во Киев во 2014 година луѓето веќе умираа, развивајќи го знамето на таа Европска унија кон која Украина посака да се присоедини само неколку дена по руската инвазија на 24 февруари, пред Грузија и Молдавија да ја следат.
Очигледно, за Владимир Путин да бидеш украински националист едноставно значи да и се спротивставуваш на армијата на Руската Федерација. Во тој случај, националисти не се само малубројните избирачи на партијата „Слобода“, ниту само оние кои го сметаат Степан Бандера за голема фигура во украинската историја-цел еден народ, во огромно мнозинство, прво не гледа кон сложеното, исполнето со омраза и лесно манипулирачко минато од пред 80 години, туку кон иднината, која наспроти се е трагично несигурна, сака да ги носи боите на суверена Украина и можеби на обединета Европа.
Автор на текстот е Давид Жилбер, доктор по богословија и историја на Католичкиот институт во Париз за „Фигаро“
Преземено од Гласове.бг
Comments are closed for this post.