Има една поговорка која вели „Проклетсво е да се родите во интересни времиња“, ние живееме во такви едни бурни премежија и тоа не е од сега. Она што како генерација го имаме наследено, пред се како македонски народ една голема и би рекла, грандиозна задача да го пренесеме истото и на следните поколенија, токму во услови кога гледаме дека не постои единство помеѓу македонскиот народ, а и генерално помеѓу сите македонски граѓани околу суштинските прашања за кои што е непримерно и неевропски да се дискутира во 21-от век, вели универзитетската професорка и пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска на денешната трибина во централниот партиски штаб, насловена „Гоце е Македонија“.

Таа посочи токму поради ова произлезе и потребата, по повод 150 годишнината од раѓањето, ВМРО-ДПМНЕ до македонското Собрание да поднесе Декларација за Гоце Делчев, чиј што лик и дело е најактуелно во последниот период, особено во преговорите со нашиот источен сосед, Република Бугарија. Декларација, која треба да биде точката да обединување на политичките партии во македонското Собрание, така и со вонпарламентарните партии.

„Нашата Декларација токму произлегува и од таа намера. Генералниот секретар на партијата, професорот Сајкоски во име на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, но и со апел до сите останати политички структури во, но и надвор од Собранието на Република Македонија, побара да ставиме црвена линија и да поставиме еден праг од каде што нема да може да се пречекорува во ниедна смисла и без оглед кој ќе ја води власта во државата“, рече Василевска.

Таа додаде истакна дека, ако ги видиме последните изјави на новоименуваниот премиер, ќе видиме дека е јасно зошто така лесно се полемизираат или се ставаат на страна овие суштински прашања, меѓу кои и онаа за значењето на ликот и делото на Гоце Делчев, македонскиот Ахил кој го води македонското дело.

Василевска истакна дека , за македонскиот народ, Гоце Делчев е симболот на националниот спас и симболот за пожртвуваноста за идејата за формирање македонска независна држава, но и завет дека тоа што ни е оставено од нашите предци треба да го чуваме.

„За нас Македонците, Гоце Делчев е симбол на националниот спас, симбол и пример за тоа, колкави заложби се дадени за делото да биде остварливо, но и еден завет дека тоа што е дадено како оставштвина, треба да се зачува и не смееме да си дозволиме, а и не верувам дека тоа ќе се случи, тоа да биде било како поместено. Секој чекор понапред, во оваа тема ќе значи комплетно разурнување на целата номенклатура, врз основа на која што е изградена македонската национална самобитност, самосвест, па и македонската национална државност“, рече Василевска