Во рок од само неколку дена министерот за надворешни работи Бујар Османи даде две различни изјави за една од 4+1 точките од „патната карта“ за кревање на бугарското вето за официјален почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ. Станува збор за прашањето за рехабилитација на македонските Бугари, жртви на комунистичкиот режим.
Ако се има предвид дека Македонија ги има веќе доставено 4+1 одговорите, тогаш станува повеќе од јасно дека Османи, а со тоа и македонската страна во целина, отворено манипулира и со бугарската и со македонската јавност, притоа целосно отфрлајќи ја транспарентноста.
За волја на вистината, за ова е виновна и бугарската страна, која не кажува која е целта воопшто на ставањето на ова на списокот барања доставени до македонската страна. Дали е целта да се докаже нивната теза дека „србокомунистите“ по Втората светска војна насилно спровеле целосен процес на „дебугаризација“ и „македонизација“ на населението во Република Македонија или, пак, едноставно станува збор за рехабилитација на македонските Бугари како жртви на комунистичкиот тоталитарен режим, иако ни случајно не може и не смее да се занемари фактот дека тие биле жртви и во времето на плуразлизмот. Ова се две сосема различни позиции и работа на македонските власти е да проценат и оценат, што точно навистина се крие зад ова, би се рекло, вештачки наметнато прашање, што изби на површина откако официјална Софија реши да ја смени плочата, па наместо историјата, во центарот на вниманието да ги стави човековите права и слободи.
Но, што кажа Османи?
-Во 2006 година нашиот Парламент има донесено Декларација за извинување на семејствата, на жртвите на комунизмот и ние сме подготвени да влеземе во реафирмација на таа Декларација како позиција на независната држава С.Македонија, меѓутоа и други практични аспекти, пристапот до архивите и потоа евентуално отворање на сите тие случаи, кои што, доколку има потреба од нив, да се разговара, па зошто да не и да се процесуираат доколку за тоа има законска можност, со цел веќе ова прашање да не биде мит, да не биде прашање кое ќе се користи во политичката агенда на било кој. Мислам дека општеството не бега од еден таков пристап и ние сме подготвени во еден таков процес, изјави Османи за БТВ на 24 јануари годинава.
Гостувајќи во емисијата Само интервју на 27 јануари, Османи не се задржа само на македонските Бугари, туку ја „прошири листата„ на сите заинтересирани граѓани во државата.
Од каде оваа трансформација кај Османи, па од македонските Бугари, одеднаш да бидат заинтересирани и сите македонски граѓани за прашање, што било на дневен ред пред повеќе од 15 години?
Но, она што остана најчудно е дилемата како Бујар Османи сака да урива еден „мит“, а притоа да не го знае точниот назив на Декларацијата!? Во неа никаде не се споменува комунизмот, туку претходниот режим!? На 4 април 2006 година Собранието донесе Декларација за извинување на жртвите на репресија од режимот во периодот од 1945 до 1990 година.
Избегнувањето на терминот комунизам, воопшто, не лежеше само во фактот, што Македонија, односно заедничката СФР Југославија имаше систем на „социјализам со човечки лик“, туку и во отсуството на вистинската желба конечно да се расчисти со комунистичкиот тоталитарен режим.
Како доказ за ова може да послужи фактот дека Република Македонија остана можеби единствената држава во Европа, која не ја прифати Резолуцијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа за потребата од меѓународна осуда на злосторствата на тоталитаристичките комунистички режими.
Ова, пак, укажува на тоа дека и покрај сите добри намери, ако воопшто ги има кај бугарската страна, Македонија и сега ќе се направи грешка во чекори. Пред да се направи било каква реафирмација на Декларацијата од 2006 година, прво мора да се усвои Резолуцијата за осуда на комунизмот, потоа во самиот назив на Декларацијата да се стават термините комунизам/социјализам, па дури потоа да се оди натаму.
Зашто, митови, па било тие да се и комунистички/социјалистички не се уриваат само со добри желби и на зборови.
А, кога ќе бидеме подготвени да одиме натаму, ако навистина постои добра волја, треба да се направат и соодветни подготовки. Во тој контекст, најпрво треба да се даде одговор на прашањето кога АНБ ќе му ги предаде на Државниот архив преостанатите политички и историски досиеја и како ќе се изведе целата таа постапка? Ако се прави на начин како што тоа беше претходно направено, тогаш подобро и да не се почнува, а да не говориме за тоа дали треба или не треба на тоа да му претходи ново прочистување, селектирање и нумерација на самите досиеја и посебно на нивната содржина. Потоа мора да следува целосна дигитализација како на веќе предадените политички и историски, така и на евентуално новопредадените досиеја, зашто со оригинали веќе никаде во светот не се работи. Тука мора да се спомене и нивната заштита во самиот Државен архив и достапот до нив.
За добивање на целосна слика за елементарна вистина мора да се исполнат уште две работи. Прво, да се комплетираат и, исто така, дигитализираат судските предмети и досиеја од целиот тој период, особено на предметите опфатени со Законот за заштита на македонската национална чест. Конечно, се друго, што евентуално ќе биде донесено или предадено од Белград ќе биде само добредојдено.
Comments are closed for this post.