Листата за групните новогодишни помилувања ја прават затворите, ја доставуваат до Министерството за правда, а оттаму списокот со имиња на оние кои бараат порано да излезат од затвор се проследува до Комисијата за помилување во Кабинетот на претседателот на државата. Станува збор за редовна постапка што се спроведува пред Нова ггодина.
Листата со имиња што беше објавена вчера и предизвика серија реакции во јавноста е вратена на разгледување во затворските управи. Надлежните велат дека листата не е конечна и оти на неа нема да се најде ниту едно спорно име.
Листата за групните новогодишни помилување според формални критериуми ја прават затворите. Минатата недела таа технички беше проследена до Кабинетот на претседателот на разгледување. Таа листа не е конечнa и не е на предлог на Министерството за правда, напиша на „Фејсбук“ министерот за правда Бојан Маричиќ.
Додаде дека откако ја видел во петокот почнал процедура за нејзино повлекување, која вчера се формализирала.
Со мој потпис списокот го вратив назад кај затворите на уште едно разгледување, напиша Маричиќ.
И заменик-министерот за правда Агим Нухиу претходно објави на „Фејсбук“ дека е повлечен списокот на лица предложени за помилување што треба да биде доставен до претседателот на државата Стево Пендаровски.
Ја информираме пошироката јавност дека иницијативите за помилување покренати од управите на затворите се повлечени од страна на Министерството за правда! За каузата на правдата ние секогаш ќе дејствуваме!, напиша Нухиу.
Првиот човек на Министерството за правда вчера најави дека спорната листа ќе се прочисти и дека тој не дава никакви помилувања.
Ова се специфични помилувања по повод Нова година и листите за делумно скратување на казната ја прават директорите на затворите и се проследува на разгледување. Мислам дека дел од спорните имиња нема ни да се најдат на листите. Значи, предлог листите се од затворите, а не од Министерството за правда. Тие листи поминуваат низ четири филтри, истакна Маричиќ за „Утрински брифинг“.
Посочи дека оваа постапка не е јавна и не се објавува во јавност.
Неблагодарно е да се објавуваат имиња во рана фаза затоа што станува збор за луѓе што се осудени и имаат свои надежи. Ние ќе се погрижиме да не се најде ниедно спорно име на списоците, рече Маричиќ.
Од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски за МИА потврдија дека Комисијата за помилување ќе ја закаже седницата кога ќе пристигне финалниот список од Министерстовото за правда со предлозите за групното помилување.
Комисијата за помилување ќе ја закаже седницата кога ќе пристигне финалниот список од Министерстовото за правда со предлозите за групното помилување. Јавноста како и секогаш ќе ја информираме веднаш кога ќе се донесат одлуките, велат од Кабинетот на Пендаровски.
Со реакции за предлог листата за помилување вчера излегоа и неколку политички партии.
По информацијата дека министерот за правда доставил барање до претседателот Стево Пендаровски за помилување на Бобан Илиќ, казнет за убиството на малиот Алмир Алиу на 25 јуни 2016 година, од Алтернатива вчера на прес-конференција побараа претседателот на државата да не го потпише ова помилување и барањето да биде повлечено.
Од Алијансата за Албанците, пак, во знак на револт за иницијативата за помилувања го обоија со црвена боја Министерството за правда. Омер Ајдини од Форумот на млади на Алијансата за Албанците истакна дека бараат итна оставка од министерот за правда, заменик-министерот и сите чинители кои ја преземале оваа иницијатива за помилување.
Comments are closed for this post.