Антимакедонизмот, во последно време агресивно носен на крилата на големобугарскиот експанзионизам и големоалбанскиот иредентизам, веќе го претвори македонскиот националниот опстој во константен егзистенцијален страв. На македонскиот „народносен“ и „политички“ пазар, во духот на „најдобрите“ неолиберални практики, веќе се тргува со сè, а најмногу со националните чувства и со патриотизмот. Како да сме се вратиле во времето на дивеењето на големодржавните пропаганди од почетокот на минатиот век.
И денес, колку повеќе македонски души некој врховист преобратил, толку поголем профит остварува и толку ловорови венци на слава жнее. Се чини дека македонизмот денес е качен на некаква триумфална погребална кола, која свечено се запатила кон царството на исчезнатите. Кон она царство што низ историјата ги проголтало Готите, Хазарите, Куманите, Апачите, Ацтеките, Аварите…
Антимакедонците, со помош на нивните спонзори од соседството, нè претворија во инволутивна нација. Таа синтагма, всушност, го оцртува патот на еден народ што се движи наназад. Имено, со македонските политички сили, кои или се анационални или антинационални, се случува очигледна регресија – од национален процут во втората половина на минатиот век кон државна анемија и „нацио-дегенерација“ (Атанас Вангелов). Како да се запатила македонската национална и државна опстојба кон сопственото морално-историско дно. Дно кое може да се детектира и како масовно одродување и постепено губење на државата.
Поделбата и уништувањето на македонскиот народ не смее да ни биде опција ниту во најтешките ситуации, ниту во најкошмарните соништа. Отаде таа ситуација е заборавот и исчезнувањето. Затоа, мораме да се спротивставиме. Мораме да ги подигнеме рацете во форма на тупаници. Мораме да престанеме да мислиме на партијата и на нејзините водачи. Сето тоа, од аспект на чистото македонство, е погрешна мисла. Грешен збор. И грешна борба.
На нашите владејачи им недостига чувство за македонизмот. И знаење, секако. Нашата неписмена политичка и интелектуална „елита“, дефинитивно, треба да ги прочита барем записите на националниот корифеј Мисирков, па да го декларира своето прифаќање на неговите основни постулати: дека се Македонци, дека нивната македонска свест и нивното македонско чувство „стојат повисоко од сè друго на светов“, дека Македонецот не треба да се слева и да се обезличува, оти „Македонците ѝ се нужни на Македонија; само со Македонци Македонија ќе биде на Македонците, а не без нив“, дека како Македонци, политичари или интелектуалци, имаат свои „македонски погледи врз минатото, сегашноста и иднината на својата татковина“ и дека како македонски дејци секогаш на прво место ќе ги поставуваат интересите својата татковина и на сите своите сонародници. Покрај тоа, тие практично ќе треба да поработат на имплементацијата на овие постулати во општествената, политичката, дипломатската и во државноправната сфера. Без таква декларација и без таква практична ангажираност, ниту еден македонски јавен „службеник“ и општественик не би требало да може да го „помине“ тестот за доверба на детекторот за чесност, посветеност и патриотизам на македонските граѓани.
Впрочем, државно-националниот пад кој го доживеавме во време на криминалната „транзиција“, не само што е крајно време да запре, туку тоа е нешто што со огромни напори ќе треба долгорочно да се санира. Толку многу сме слезени по удолницата што допрва, долго време и со голем напор ќе треба да се искачуваме кон нормалноста и кон остварувањето на националните идеали. Имено, за да запрат овие самоубиствени национални и државноправни процеси, мораме да се фатиме за работа на сите полиња. Мораме да се дистанцираме од партизацијата, од политичките елити кои се душмански настроени кон луѓето, нацијата и кон државата.
Мораме да сфатиме дека имаме многубројни херојски могили на непобедените, дека треба да се гордееме со нив како Македонци, но и дека треба достојно да ги обележиме и да ги одбележиме. Имаме и вистински луѓе кои секојдневно, макотрпно, со вршење на своите професионални должности, со чесност и со искрен патриотизам ставаат камен по камен и ја издигнуваат државно-националната творба Македонија. Ние, како нација и држава, доколку сакаме да опстанеме, мораме да ги препознаеме овие искрени патриоти кои како корени влегуваат во длабочините на реалноста и се издигнуваат како црвени цвеќиња до височините на македонските државотворни и национални идеали. Оние наши сограѓани и соплеменици кои се борат да го заштитат и возвеличат идеалот од канџите на дивјачката антимакедонска реалност. Оние кои се загледани и во корените, и во реалноста, и во ѕвездите! Оние кои го препознаваат, бранат, негуваат и го обистинуваат македонизмот, секојдневно. Кратко кажано, нашата прва парола денес мота да биде: време е за одбрана и за пофалба на македонизмот!
Comments are closed for this post.