Хрватската полиција пронашла и запленила деведесетина килограми марихуана, скриени во камион ладилник со белградски регистерски таблички. При претресот на камионот, паркиран на паркинг во улица „Клин“, уапсени се двајца Црногорци на возраст од 20 и на 21 година, како и еден 37-годишен српски државјанин.
При прегледот на возилото, на врвот од контејнерот полицајците забележале простор одвоен од товарниот, по што побарале налог за претрес. По добивањето на налогот, полициски и пожарникарски единици го исекле кровот од камионот, од каде што ја извадиле скриената дрога.
Утврдено е дека товарниот дел бил преправен, а во дополнително направената комора биле пронајдени 90 пакети спакувани во проѕирна ПВЦ фолија со димензии 30 на 30 центиметри со вкупна количина од 90 килограми материја што личи на марихуана – се наведува во полициското соопштение.
Како што наведуваат од хрватското министерство за внатрешни работи, по завршувањето на криминалистичката истрага, тројцата осомничени ќе бидат предадени на притворско одделение, а против нив ќе бидат поднесени кривични пријави до надлежното државно обвинителство.
Comments are closed for this post.