Сите вработени во јавниот сектор и во локалната самоуправа при одење на работното место да прикажат потврда за примена најмалку една примена вакцина или ПЦР негативен тест, кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок. За овие мерки било одлучено на вчерашниот состанок на Комисијата за заразни болести (КЗБ), која предлозите ќе ги достави до Владата.
Освен вакцинација и ПЦР тест, Комисијата предлага вработените да прикажат или потврда за прележан ковид не постар од 45 дена или пак потврда од лекар специјалист дека не можат да ја примат вакцината. Се препорачува и задолжителна вакцинација за сите здравствени работници.
Министерот за здравство Венко Филипче препорача кон овие мерки да се приклучат и приватните компании.
Предложените мерки од Комисијата, беа поддржани од Стопанската комора, која предлага тие да важат и за приватниот сектор, но не наидоа на поддршка од синдикатите, кои остро се спротивставуваат на, како што велат, „присилна вакцинација“.
За Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) вакцинацијата мора да биде резултат на лична определба на работниците и не смее да се спроведува со присила.
– Процесот на имунизација не смее да се спроведува на штета на елементарните права на граѓаните гарантирани со Уставот, меѓународните конвенции и закони и против волјата на поединецот, стои во реакцијата на ССМ.
Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) реагираше на најновите мерки за вработените во јавниот сектор што ги предлага Комисијата за заразни болести, оценувајќи дека со нив се кршат основните човекови права и побара Владата да размисли пред да ги донесе.
Доколку бидат прифатени предложените мерки, КСС најавува дека ќе ги искористи сите синдикални мерки што и се на располагање за да не се применуваат.
И Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) не се согласува со најновите мерки што вчера ги предложи Комисијата за заразни болести, а се однесуваат на вработените во јавниот сектор.
– Како синдикат сметаме дека е неприфатливо да се наруши слободниот избор на работници по однос на прашањето за имунизација од Ковид 19. Мнозинството од работници се веќе вакцинирани, но постои и дел од вработените кои решиле да не се вакцинираат поради лични или здравствени причини и синдикатот силно го почитува нивниот избор. Како КСОМ ја поздравивме кампањата и едукацијата на работниците по однос на вакцинацијата, но на крајот секој поединец сам носи одлука за сопственото тело, се вели во реакцијата.
Според КСОМ, задолжителната вакцинација е неуставна и доколку се спроведе, најавуваат синдикални протести и покренување на иницијатива пред Уставниот суд.
Од Министерството за здравство вчера доцна попладнето реагираше на изјавите на синдикатите за „присилна вакцинација“.
– Вработените кои ги опфаќаат новите мерки имаат избор да приложуваат и негативен тест еднаш неделно, доколку одлучат да не се вакцинираат, а сите оние кои имаат здравствени проблеми заради кои не може да се вакцинираат, не се присилени да го направат тоа, велат од МЗ, посочувајќи дека такви мерки веќе се воведени во многу земји во Европа и регионот, како на пример во Словенија, Хрватска и Грција, каде одамна се во сила.
Вчера реагираше и Сојузот на стопански комори (ССК), кој соопшти дека се залага за стимулативни мерки ќе дадат подобар резултат.
– Нашиот став е дека правото на вакцинација која не е задолжителна е лично право на избор и не треба да се ограничува. Сметаме дека многу подобар ефект наместо со репресивни, ќе се постигне со стимулативни мерки и навремено обезбедување на повеќе видови вакцини и релевантни информации за нивната безбедност, наведува ССКМ.
Comments are closed for this post.