Пред земјите од Западен Балкан претстојат сериозни предизвици, но мораме да покажеме мудрост и зрелост која ќе рефлектира визија и перспектива на регионот, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за денешниот број на белградскиот весник „Политика“.
-Верувам во нова заедничка иднина и заеднички патриотизам кој ќе не обедини во решавањето на заедничките проблеми, да се бориме за подобар стандард, за подобро образование и здравство. Да ги оставиме големите национални теми кои на Балканот никогаш не му донесоа добро, да се бориме за подобар живот, бидејќи само тоа може да донесе прогрес. Во тој контекст за поздравување е секоја иницијатива која ќе го акцелерира тој процес и ќе демонстрира зближување на народите. „Отворен Балкан“ во тој контекст е добра можност за продлабочена соработка, вели Мицкоски.
Тој нагласува дека на „Отворен Балкан“ не гледа како на замена за ЕУ, туку како на иницијатива што може да помогне во полесна комуникација на регионот и лидерите треба да се фокусираат на точките кои не поврзуваат, а не на тие кои не разединуваат.
-Да инвестираме во доверба и блиски контакти за да овозможиме регионот да се развива, да учествуваме во заеднички инфраструктурни проекти, но и почеста комуникација. Потребна е мудрост и разум, да не се произведуваат нетрпеливости, туку да произведуваме добра енергија. Бараме почит, но и даваме почит. Да ги затвориме неславните поглавја од нашата историја и да ги потенцираме точките на пријателство. И тука постои огромен потенцијал за работа. Ние мораме да ја завршиме таа работа, тоа пред се е наша задача, а не на Европската Унија, оценува Мицкоски.
Во однос на перспективите на земјите од регионот за членство во ЕУ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека напредокот треба да биде базиран на вредности и заслуги, но нагласува дека Балканот е заморен од лажни надежи и чекање.
-Не смее да се загуби достоинството во предолго чекање. Одговорноста за ова е на балканските лидери, но и на европските. Европската Унија мора да покаже флексибилност, а сите држави на Балканот треба да демонстрираат кооперативност во тој процес. Не смее да се злоупотребува правото на земји членки на вето кон државите кои реално заслужуваат прогрес, ниту пак да има победници и понижени. Секогаш кога на Балканот сме се вртеле кон минатото сме заглавувале, сега треба да гледаме кон иднината. Да направиме спротивно од се до сега, потенцира Мицкоски.
Осврнувајќи се бугарското вето за старт на преговорите на земјава со ЕУ, Мицкоски вели дека не очекува чуда, но оти очекува од секоја Влада на земјава да се грижи за стратешките интереси на државата и да го почитува она што беше изгласано од мнозинството пратеници во Собранието во Резолуцијата која ги штити и отсликува македонските црвени линии.
-Очекувам почит, бидејќи и даваме почит кон нашите соседи. И во овој поглед секоја Влада треба приоритетно да се насочи кон решавање на домашните проблеми. Вистински загрижувачки е лошата економска состојба, отсуството на инвестиции, присуството на корупција. Дајте да ја завршиме домашната задача, а само така ќе ги одземеме аргументите на тие кои посакуваат кочење на европските интеграции. И не треба да заглавуваме во прашањата кои не разединуваат и создаваат конфликти, туку да работиме на нова иднина, нагласува Мицкоски.
На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ направи погрешна проценка со иницијативата за гласање недоверба на Владата, Мицкоски вели дека не станува збор за погрешна проценка, туку за вистинска одлука која на површина ја извадила „целокупната немоќ на Владата и нејзините механизми на владеење“.
-Уште од почетокот знаев дека шансите за тоа се мали, особено што секој демократски потег ќе биде потиснат од притисоци, закани и уцени, но сакав да види и целокупната домашна и меѓународна јавност со што се соочуваме дома во државата. Нема погрешно време за потег со кој уште еднаш се разобличи Владата. Ние покажавме капацитет на обединување на многу субјекти кои имаат свои разлики, но се обединуваме во заложбата за промени и носење на нова иднина, вели Мицкоски.
Според него, пропаѓањето на иницијатива не е некаков успех или неуспех на кого било, туку „само одложување на неславниот крај на Владата кој ќе се случи порано или подоцна“.
-Кратко кажано, вистинското прашање не е дали, туку кога оваа Влада ќе падне. Во моментот имаме Влада која има поддршка од пратениците кои ги обезбеди како последица на киднапирање. Пратеник кој ја смени страната мистериозно го снема, за подоцна да се појави, што значи дека политичката криза се продлабочува, додава лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на изјавата на пратеникот Кастриот Реџепи дека неговата одлука да не ја подржи иницијативата за недоверба на Владата е „резултат на убедувањето што го добил од претставници на САД и ЕУ дека земјата ќе добие датум за преговори во декември и дека ќе биде решен спорот со Бугарија“, Мицкоски вели дека нема такви информации, како и дека досега нема чуено оти некој од тие центри на моќ го потврдиле тоа.
Во врска со оставката на премиерот Зоран Заев, Мицкоски нагласува дека не е потребна само негова, туку и оставка на целата Влада, по што „единствениот разумен и логичен исход“ би биле брзи избори.
-Сега имаме една неодржлива ситуација каде имаме Влада без мнозинство пратеници која дополнително е без легитимитет, декласирана на локалните избори кои се одржаа пред две недели. Изборите се решение за да се провериме кај народот и што тој мисли за целата оваа состојба. Оваа Влада нема капацитет да се носи со енергетската криза која зема замав, како и со политичката криза која дополнително следи. Што се однесува до Заев тој уште еднаш ја замајува јавноста и уште еднаш не си го одржа сопствениот збор, а тоа е доколку загуби на локалните избори си оди од политиката. Но, неговото останување во политиката ќе биде продолжување на кризата и тој во ниту еден сегмент не може да биде клучен за кое било добро решение за државата, наведува Мицкоски во интервјуто за белградска „Политика“.
Comments are closed for this post.