Колега Скендер ајде заедно да ја урнеме криминалната и од народот делегитимирана влада!, повика на својот фејсбук профил пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Откако во петокот јасно и недвосмислено 61 пратеник се потпишаа на иницијативата за недоверба на владата, хибридниот режим на власта започна со брутална кампања, со многу притисоци, закани и уцени да го гази човечкото достоинство и да го урива кредибилитетот на институцијата македонско собрание.

Колега Скендер Реџепи да го сочуваме достоинството на пратениците и затоа Ве повикувам заедно да ставиме крај на газењето на пратениците од страна на хибридниот режим и согласно член 92 од Уставот, изберете 19 пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кои заедно со вас ќе поднесат нова иницијатива до Собранието за гласање на недоверба на владата на хибридниот режим СДСМ-ДУИ.

Да нема изговори зошто се потпишал овој или оној бидејќи ова е гласање против хибридниот режим на СДСМ-ДУИ. Се надевам дека ќе застанете заедно со мнозинството на пратеници и ќе го сочуваме достоинството на пратеникот и угледот на македонското собрание.

Одлуката овој пат е многу поедноставна, овде не се гласа за идеологија, туку вистинското прашање дали ќе дозволиме да продолжи криминалот и корупцијата или заедно ќе ја реформираме нашата заедничка татковина.