3аев продолжува со својата пракса и врши невидени притисоци во Собранието на Република Македонија со цел да ја сочува власта истакна пратеникот на ГРОМ, Љупчо Пренџов во своето гостување во утринската програма на Телма.

Пренџов гледа на вчерашната посета на Заев на Собранието на Република Македонија како притисок и посочува дека се вршени закани и уцени врз пратеници со цел да не гласаат за недоверба на Владата.

Пример за делувањето на Заев е премислувањето на пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи, вели пратеникот посочувајќи дека најпрво се потпишал на списокот за гласање на недоверба на Владата, за потоа да најави дека го повлекува потписот наводно поради тоа што не знаел дека пратениците на Левица ќе бидат дел од оние пратеници кои ќе ја изгласаат недовербата на Владата.

Индикативно на сето ова кое го говори Пренџов е фактот што потписите на пратениците на Левица, Борислав Крмов и Димитар Апасиев стојат веднаш до потписот на Скендер Реџепи, што упатува дека пратеникот ниту бил излажан, ниту измамен и знаел кој се ќе гласа за недоверба на Владата.