Звучното мото „мисли глобално, дејствувај локално“ на екологистите и активистите за зачувување на животната средина е моќна фраза со цел да ја подигне свеста на луѓето за зголемена грижа од глобалното загадување и заштита на целата планета.
Пораката што ја носи оваа девиза претставува повик луѓето да размислат за здравјето на целата планета и да преземат акција во сопствените заедници и градови.
Долго време пред владите да започнат со примена на законите за заштита на животната средина, мотото за глобална свест за животната средина преку локално дејствување потекнува од активизмот на поединци и волонтери. Сега тоа мото веќе е глобален концепт со огромна важност во светот.
Активизмот и борбата за зачувување на животната средина се повеќе од важни во овие моменти на промена на климата во светот и глобалното затоплување. Сите коишто мислат добро за својата иднина и иднината на своите деца секако се ангажирани и се грижат за заштитата на животната средина. Секако и кај нас во оваа мала држава постои свест за зачувување на планетата Земја и природата.
Но, сметам дека за да бидеме свесни за тоа, пред се треба да живееме во нормална држава за да можеме и нормално да мислиме и активно да дејствуваме во заштита на животната средина. Со овој текст не ми е целта да мотивирам за подигнување на еколошката свест.
Друга е целта. Можеби насловот потсетува на звучното еколошко мото, но ние пред да бидеме свесни и загрижени за глобалните еколошки проблеми, најпрво треба да ги решиме националните егзистенцијални проблеми.
На овие локални избори треба да мислиме на националното, а да дејствуваме локално, бидејќи преку овие локални избори треба да се погрижиме за зачувувањето на националните интереси и унапредувањето на државата.
Од овие седми по ред локални избори од осамостојувањето на Македонија, освен иднината на општините, зависи и иднината на државата.
Преку нашиот глас на овие локални избори, освен што можеме да дејствуваме за решавање на локалните проблеми и подобрување на локалните заедници, воедно можеме да придонесеме кон создавање на подобра иднина во оваа наша држава.
И обично се вели дека после дождот доаѓа сонце. Последните денови од предизборната кампања имавме променливо облачно и дождливо време. Надеж има дека времето ќе се подобри.
Свеста за националното, а преку локално дејствување е во главите на мнозинството граѓани. Тоа најпрво започнува од најмалите места, па до големите градови. Нека ова мото со мисла за националното, а дејствувајќи локално ја разбуди свеста на мнозинството граѓани за подобра иднина за сите нас.
Comments are closed for this post.