Општинските изборни комисии ги прифатиле барањата на 7.921 болно или немоќно лице да гласаат во своите домови, како и на 476 лица во самоизолација или домашен карантин поради Ковид – 19, информираат од ДИК за МИА.
Гласањето кај болните и немоќните лица ќе го спроведуваат членови на избирачките одбори каде што тие се пријавени со посета на нивните домови, додека за лицата со Ковид 19 и во изолација гласањето ќе го спроведат посебни избирачки одбори составени од здравствени работници.
На еден ден пред официјалното одржување на Локалните избори гласаат и затворениците, лицата во старските домови и внатрешно раселените лица. Според информациите од посебните изводи од Избирачкиот список, во казнено поправните установи, утре ќе гласаат 1899 лица, во старските домови 351, а право на глас имаат шест внатрешно раселени лица.
Првпат на овие избори ќе се применат уреди за биометриска идентификација на гласачите со отпечаток од прст, но за лицата што ќе гласаат утре овие уреди нема да се применуваат.
Тие ќе гласаат како и досега со користење на Ув ламба, за проверка дали гласале и безбоен спреј, кој со проверка на УВ ламба покажува дали лицето гласало или не.
Резултатите од гласањето на овие лица ќе бидат познати во недела.
Comments are closed for this post.