Токму на 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ против фашистичките окупатори на некогашна Вардараска, а сега Република Македонија, софиски Труд.мк излезе со текст во кој отворено се атакува на Македонската православна црква-Охридска архиепископија. Насловен е како „Во заштита на Бугарската црква во Македонија“, е негов автор е Спас Ташев, член на историскиот институт на БАН.
Поради значењето и провокативноста, текстот го пренесуваме без никакви интервенции.
„Комунистичката идеологија пројавува нетрпеливост кон религијата, зашто во идеолошката посветеност во тоталитарното општество не може да има поделби. Единствено дозволена отстапка е поставувањето на религиозните институции под котрола на државата. Токму тоа се случува во март 1945 г. кога на територијата на денешна С.Македонија се создава до тогаш непостоечка црква за да се помогне постигнувањето на набележаните цели. Тогаш се уште има илузии дека новата власт нема целосно да раскине со бугарските традиции, но последователно двајца од учесниците скапо ги плаќаат своите заблуди-свештениците Методи Гогов и Никола Апостолски се осудени на 5,6 и 2,6 години затвор.
Меѓутоа, канонската потчинетост на новата црква кон Српската патријаршија не соодветствува со пропагандното наметнување на идејата за посебна македонска нација. Затоа Белград е принуде да продолжи по патот на создавање на самостојна македонска црква. На 18 април 1957 година, патријархот Викентиј објавува дека „пред неколку дена Светиот архиерејски собор на СПЦ, на мој предлог, како администратор на епархиите на територијата на НР Македонија, одобри на територијата на НР Македонија да се реорганизира црковната управа, прифаќајќи го предлогот и барањата на Иницијативниот комитет за конечно уредување на црковните работи во таа република“.
Една година подоцна, на 4 октомври 1958 г. во Охрид е свикан вториот црковно-народен собор. Еве што по тој повод му пишува на Иван Михајлов секретарот на новосоздадената црква, протојереј д-р Цлавко Димевски:„Сепак, народот до пред самиот собор во Охрид беше убеден…дека навистина ќе се обнови Охридската бугарска архиепископија. Заради тоа и масовно се одзва на соборот. Меѓутоа, соборот беше организиран од УДБА. На секој делегат имало по еден агент. Делегатите по собите не биле ставени еден со друг, туку мешано со удбаши…Зачуденоста била голема кога на денот на соборот се појавил српскиот епискот Доситеј и под притисок (принуден од народот) бил избран за делегат“.
Се работи за Доситеј Стојковиќ, кој живеел во Белград, и околу кого се уште лебдат многу прашања. Избран е за водач на македонската црква, откако е објавено дека е роден во Маврово, поради што презимето му е сменето во Стојковски. Меѓутоа, во Маврово никој не слушнал за такво семејство, а таму нема и негови роднини. Доситеј ја познава Македонија поради фактот дека за време на кралска Југославија ја завршил српската семинарија во Битола, по што бил во маастирот „Св.Пречиста“ крај Кичево. По Втората светска војна Доситеј е викарен апископ на српскиот патријарх и го користи само српскиот јазик. Како архиепископ Охридски и митрополит на Македонија, тој останува член на Светиот Синод на српската патријаршија.
Неговата српска ориентација се гледа и од фактот дека пред посетата на Скопје во 1956 година одржал шовинистички говор дека нема никаква Македонија и никакви Македонци, туку само Јужна Србија и јужносрбијанци.
Другите двајца македонски владици се од Битола-Никола Трајковски, член на КПЈ и вработен во службата за социјално осигурување, и архиерејскиот намесник Томе Димовски-прогласени за епископи под имињата Климент и Наум. Никола Трајковски набрзо станува свештеник, а Томе Димовски е принуден да се разведе за да може да ја заземе понудената висока црковна позиција. Хиротонисувањето на обајцата се случува подоцна, при што даваат заклетва за верност кон Српската патријаршија и српскиот народ. Едвај на 19 јули 1959 година новиот белградски патријарх Герман со заедничка литургија со епископот Доситеј ја потврдува самостојноста на Македонската архиепископија.
Во текот на овие настани, државните и комунистичките раководители во Белград и Скопје манифестираат целосна соработка. На Доситеј Стојковиќ му е дадена значителна сума средства за трошење без никаков отчет, а Лазар Колишевски му подарува луксузен автомобил и вила.
Очигледните врски меѓу србо-комунистичката власт и црквата раѓаат масовно незадоволство во НР Македонија и меѓу македоно-бугарската емиграција. Македонските патриотски организации на 10 ноември 1959 година во ООН врачуваат меморандум во кој изјавуваат:„На 4 октомври 1958 г. во Охрид, југословенска Македонија, по наредба на комунистичката власт, се состанува еден т.н.„црковно-народен“ собор, чија задача била да го „реши“ црковниот проблем во Македонија…Треба да одбележиме дека откако Србија ја окупира Македонија (1918), сите бугарски цркви и манастири, кои таму постоеја со векови уште од времето на турскиот режим, беа затворени, а бугарските свештеници и владици прогонети“.
Се повеќе луѓе во самата НР Македонија сметаат дека Томе Димовски не можел претходно да биде архиерејски намесник, ако немал поддршка од југословенската тајна полиција УДБА. Граѓани од Битола во 1960 г. успеваат на МПО да и ја пренесат и информацијата дека „изненадувањето било големо кога се разбра дека тој се развел од сопругата…Се шушкаше дека од страна на српската патријаршија, како „домородец“ го подготвувале за владика. Коментарите беа различни, но сите сфатија дека не станува збор за обновување на нашите родни бугарски цркви…Но, битолчани почнаа да се мајтапат со разведениот поп и неговото назначување за владика на српската патријаршија во Македонија. И бидејќи во Битола сите го познаваа, го испратија за владика во Штип. Ама шило во торба не се крие. Владиката во Штип ја донесе и фамилијата, ја донесе и разведената невеста и сега владиката ви Штип е со невеста. Штипјани ја нарекуваат господарка. Тоа во градот остави поразителен впечаток“.
Постепено станува јасно дека во оваа форма Македонската православна црква не може да ги исполнува поставените задачи. Затоа, иако неволно, Белград е принуден да го направи последниот чекор-неканонско прогласување на автокефалност-што се случува на 17 јули 1967 г. во Охрид на свиканиот трет црковен собор.
Чинот предизвикува бура од негодување меѓу македоно-бугарската емиграција. Во ноември 1967 г. ЦК на МПО подготвува „Извештај за новиот историски фалсификат во Југославија и официјално узурпирање на бугарската црква во Македонија“. Во тој документ се вели:„Но, Белград-од политички причини-прогласи и посебна македонска црква, фалсификувајќи го името на некогашната (постоечка околу осум столетија) Охридска бугарска патријаршија, во 11 век преименувана во Архиепископија…Таа декретна „македонска“ црква Белград ја смета за свој инструмент во реализацијата на планот за заграбување на цела Македонија со Солун. Затоа државната власт не обрна внимание на протестите на српскиот Свет Синод…Ќе повториме, „македонската“ црква е авангарда на белградската агресија и југословенството. Ако таа црква во еден момент каже дека е бугарска, власта моментално ќе ја уништи, така како што со задоволство ја создаде…Народот во Македонија, особено тамошните Бугари, имаат мноштво причини да ја мразат Југославија и да сакаат нејзино распаѓање“.
Во 1969 г. Бугарската слободна епархија во Америка исто така подготвува извештај за прашањето со Македонската православа црква. Во него се констатира дека „секоја белградска влада на секој можен начин ќе ја помага т.н. „македонска црква“. Таа се јавува како инструмент за „југословенизирање“ на Македонија и освојување на останатите нејзини области од страна на Белград.
Подоцнежните настани ја потврдуваат исправноста на македонските Бугари. На 16 декември 1977 г. претседателот на Претседателството на Србија, Драгослав Марковиќ, за белградска „Политика“ ќе изјави:„Ставот на општествените, државните и политичките фактори во Република Србија секогаш бил на линијата за давање автокефалност на Македонската православна црква. Зашто, јас стојам на ставот дека тоа ќе придонесе за зацврстување на македонската нација“.
Comments are closed for this post.