Европската Унија, плашејќи се од политички реакции во земјите-членки, повеќе не може да се согласи да им даде гаранција за идно членство на шесте балкански земји, откако еднаш ветија место во клубот, известува „Ројтерс“ повикувајќи се на свои извори, односно на четворица дипломати и интерен документ.
Според Ројтерс, на последниот самит, ЕУ планирала да го повтори ветувањето дадено пред 18 години за „недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан“. Но, за тоа ветување, и по две рунди преговори, не бил постигнат договор, истакнале дипломатите на кои Ројтерс се повикува.
Според агенцијата, државите на ЕУ нема да ги откријат своите позиции, но богатите северни земји како Данска, Франција и Холандија стравуваат од повторување на брзото пристапување на Романија и Бугарија во 2007 година и од лошо управуваната миграција на работниците од Источна Европа во Велика Британија што доведе до тоа многу Британци да бидат против ЕУ.
Дури и ако конечно се договори нешто, планот на ЕУ да изгради „прстен на пријатели“ од Украина до Тунис, нудејќи поблиски врски, трговија и помош е парализиран.
Наместо тоа, Кина и Русија со инвестиции и влијание влгуваат во регионот. Во јануари, Србија беше првата европска земја што прими кинески вакцини против КОВИД-19 за масовна инокулација, наведува Ројтерс.
ЕУ, исто така, индиректно ги заострува тензиите во регионот од 20 милиони луѓе, велат дипломатите за агенцијата, наведувајќи дека војниците на НАТО во понеделникот ги зголемија патролите на Косово во близина на граничните премини, кои беа блокирани од локалните Срби, разгневени од забраната за влез на автомобили со српски регистарски таблички во земјата.
„Мора да се однесуваат погрешно за да бидат забележани“, рекол висок дипломат на ЕУ во Брисел вклучен во балканската политика. „Има влошување на Балканот што произлегува од изгубениот интерес за ЕУ.
ЕУ и САД апелираа за смиреност и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, во вторникот го започна тридневното патување во шесте балкански земји за да ја покаже посветеноста на извршната власт на ЕУ кон регионот.
Во Албанија, фон дер Лејен рече дека стои на ветувањето дека „иднината на Албанија е во ЕУ“.
Но, кредибилитетот на ЕУ е оштетен, особено откако Франција и Холандија привремено го прекинаа процесот на проширување пред две години, а Бугарија сега го блокира.
Косово и Србија се чувствуваат разочарани од Соединетите Држави, откако пред една година беа поканети во Белата куќа од тогашниот претседател Доналд Трамп да потпишат договор за нормализирање на економските односи, за потоа да пропаднат. ЕУ не го одржа ветувањето дека ќе дозволи патување граѓаните на Косово без визи.
Државите кои се залагаат за проширување, вклучувајќи ги Австрија, Италија, Хрватска, Словенија и балтичките земји, ги осудуваат Германија и Франција затоа што не ја притиснале Бугарија да го укине ветото кон Македонија. Напредокот на Албанија исто така е запрен затоа што е поврзан со Македонија во процесот на проширување.
„Се додека имате толку многу земји-членки, кои од една или друга причина, сметаат дека не е правилно ЕУ натаму да се проширува, тогаш навистина не одиме никаде“, рекол Џон О’Бренан, експерт за интеграција во ЕУ на Универзитетот Мејнут во Ирска.
Comments are closed for this post.