Министерството за надворешни работи на Република Бугарија му врачи протестна нота на в.д. раководителот на амбасадата на РС Македонија, Владимир Крстевски, по повод случајот со сменетиот бугарски споменик, кој се наоѓал во с.Клепач, Прилепско, пишува софиски Труд.

Вања Андреева, директор на дирекцијата за Југоисточна Европа, на средбата го информирала претставникот на РСМ дека дипломатската мисија на Бугарија во Скопје утврдила дека споменикот, кој се наоѓал во дворот на црквата во с.Клепач, а бил подигнат во чест на војводата Велко Скочивирчето и осуммината негови четници, загинати во судир со османлиските чети во 1904 година, бил сменет. Костатирано е дека оригиналниот натпис на книжевен бугарски јазик бил сменет, дека се отстранети цели делови од автентичниот текст, а биле сменети и имињата на некои од загинатите четници.

Во разгговорот, бугарската страна инсистирала компетентните власти на РСМ да ги преземат мерки за истрага и за враќање на оригиналниот споменик. Било подвлечено дека промената на историските артефакти претставува акт на уништување на автентичниот изглед на културно-историското наследсдтво и обид за ново пишување на историјата, што предизвикува сериозна загриженост, со оглед на потребата од стриктно исполнување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година.