По вчерашната седница на Владата остана нејасно дали за заштита на Водно е потребен посебен, специјален лек или, пак, посебен, специјален закон?!
Во владиното соопштение, што во оригинална форма го пренесоа и најголемиот дел од медиумите, меѓу другото стоеше дека Владата доела Одлука за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје од V категорија, со што ќе се овозможи зачувување на автентичната состојба на природата преку заштита на природните и други вредности, спречување на дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на природната рамнотежа на екосистемите, создавање поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност и природното наследство и одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на видовите и нивната природна рамнотежа.
И што е поважно, во соопштението се додава дека Владата донела заклучок дека останува отворена за дебата и сугестии во однос на предлогот за донесување на „лек специјалис“ за Водно како можност за унапредување на неговата заштита.
Каков е овој „лек специјалис“ веројатно знаат само во пи-ар службата на Владата. Некој многу стручен допрва ќе треба да објасни дали во дебатата ќе стане збор за некое непознато „специјално“ лекарство за заштита на Водно. Или можеби за нов посебене закон или поточно lex specialis, како што правниците прецизно го нарекуваат.
Ако станува збор за првото, тогаш може јасно да се види квалитетот на владината пи-ар администрација, но ако станува збор за второто, тогаш подобро би било административниот не квалитет да се замени со „лек специјалис“ за Владата.
Comments are closed for this post.