Независната угостителска комора (НУК) бара од Владата веднаш да ја укине одлуката со која се забранува посета и влез на невакцинирани лица во угостителските објекти.
Според НУК, одлуката е неприменлива и не може да биде испочитувана без да се нарушат повеќе човекови права и да се прекршат неколку закони, посебно Законот за заштита на личните податоци.
Како што наведуваат од Комората, целта на Барањето е да се спречи деградација и селекција на вакцинирани и невакцинирани гости и да се овозможи сите угостителски објекти да бидат еднакво достапни за сите граѓани.
Донесената мерка е неприменлива и неспроведлива од страна на угостителите без соодветна законска регулатива и продолжени и пренесени овластувања кои во моментов ги нема. Ниту т.н. нови редари, ниту кој било инспектор, ниту угостителите и вработените во угостителските објекти имаат законска можност, овластување и право да вршат проверка на лицата за нивната состојба на вакцинација со приложување потврда за извршена имунизација – се наведува во соопштението на НУК.
Во Барањето адресирано лично до премиерот Зоран Заев, НУК наведува дека медицинската состојба на граѓанинот и гостинот е сензитивна информација и согласно Законот за заштита на лични податоци со исклучок на службено лице и/или овластено лице – лекар, никој друг нема право да врши проверка или прибирање на оваа информација, ниту да врши селекција, односно дозвола за влез во јавен објект на граѓаните по основ на оваа состојба.
Во моментов се уште согласно постојната важечка законска регулатива вакцинацијата е изборно право на секој граѓанин и не е задолжителна и како такво истата не смее да биде услов за нормално движење, работење и слобода на уживање на човековите права ниту услов за влегување во јавен објект и користењето на услугите на јавниот објект како што се угостителските објекти. Со оваа одлука неприфатливо е угостителските објекти да се ставаат во улога на експериментален филтер за да се провери дали и како системот на селекција на граѓаните може да функционира на вакцинирани и невакцинирани. Поради сето ова, бараме и очекуваме од Вас, веднаш да се укине одлуката со која забранувате посета и влез на невакцинирани во угостителските објекти – посочува претседателот на Комората, Здравко Јосифовски.
Ако Владата не ја укинете одлуката, Јосифовски, како што нагласува, ќе биде првиот сопственик што ќе го затвори угостителскиот објект.
Угостителите досега ги почитувале и спроведувале сите реални и неопходни препораки и протоколи за работа на угостителските објекти без разлика дали тие кореспондирале со тековните состојби, но оваа одлука не може да биде испочитувана и спроведена без да се нарушат повеќе човекови права и да се прекршат повеќе закони, посебно Законот за заштита на личлните податоци – потенцира претседателот на НУК.
Владата донесе одлука со која од 16 август 2021 година се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при во секаков вид објект на отворено, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани) на отворено.
Comments are closed for this post.