…Или како пцоста на премиерот Зоран Заев-„Е*ем ти таков народ“, објавена во аудио-бомба во мај 2020 година, за што потоа длабоко се извинуваше и правдаше дека по два ипол часа во кафеана човек може се да каже, сега доби свој антипод во пцоста „Е*ем ти таква власт“.
За поимот „банана држава“ или „банана република“ се напишани безброј политички и филозофски текстови, анализи, содржини и толкувања со кои се дава целосно објаснување за неговото значење, од кога и од каде потекнува, за што и за кои држави се користи. И неговата актуелност до ден денешен не губи од своето значење.
Но, како што велат, жив човек, жив ѓавол, па покрај сериозните толкувања и значење истиот термин доби и чисто народно објаснување проследено со доза на хумор. Едно од нив вели дека „банана држава“ или „банана република“ се станува кога ќе избереш мајмун за премиер!?
Но, шегата на страна. Сполај му на Бога, Република Македонија не е ниту „банана држава“, ниту „банана република“. Република Македонија е држава. Море не обична држава, туку државиште!
Државиште какво ретко се наоѓа на светската политичка мапа. Иако според својата површина и бројот на населението спаѓа во редот на малите. Зашто, во неа царува демократијата, има функционални институции, системот беспрекорно функционира, нивото на корупцијата е сведено до степен на подносливост, човековите права и слободи се почитуваат од секој аспект, владеењето на правото и функционирањето на правната држава едноставно цутат, (право)судството ни е отворено како пупка, сите граѓани се еднакви пред законите, нема никакви поделби…
Државните функционери, без исклучок, ни се Девици Марии, прстињата не им лепат и сите до еден се чисти како солза. Фотелји исклучиво од телешка кожа! Ма глупости. Сите до еден ни се аскети од типот на Тодор Александров. Да гледа човек и просто да не верува во каков прекрасен свет и држава живее. Да моли Бога во Република Македонија да се роди.
А, исто, сполај му на Бога, и премиерот не ни е мајмун. Скраја да е. За премиер го имаме угледниот, чесен и достоинствен лидер на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев. Комуникативен, отворен, достапен за сите во секое време од денот и ноќта.
Каков е за познаниците и пријателите, таков е за сите, па и за оние најголеми политички опоненти. Доволно е само човек да му сврти на телефон. Ако треба и од Деве Баир, Табановце, Блаце, Богородица… Се ќе стори за да ви помогне. Таков е човекот. Човек од збор. Речено-сторено. А, тоа дека ќе јаде живи луѓе…Па, не мора да се верува во се што ќе се види и слушне, нели. Како тоа евро за Вицето, евро за црквата.
Е, за жал, истиот тој премиер, по годинешната (анти)прослава на двата Илиндена-118 години од Илинденското востание и 77-годишнината од прогласувањео на АСНОМ-ската македонска држава-едноставно го снема! Како во земја да пропадна! Неговите пи-ар питбули заборавија да и соопштат на јавноста дека заминува на годишен одмор со семејството.
На некоја прекрасна песочна плажа, со сламени стреи, покрај прекрасна тиркизна морска вода. И да не беа социјалните мрежи веројатно јавноста немаше ни да дознае каде ни е премиерот.
Но, ова е само убавата страна на приказната и тоа ако на работите се гледа со розовите очила на власта. Зашто, реалноста е повеќе од катастрофална!!!
Токму во времето кога премиерот Заев и дел од неговите најблиски соработници си тераа ќеиф крај тиркзините морски води, целата држава се соочуваше со катастрофа од невидени размери.
Високите температури и огнените стихии во повеќе делови од земјата зад себе оставаа пустош. А, народот, оној обичниот, за кого премиерот Заев велеше „Е*ем ти таков народ“, беше оставен сам на себе.
Со голи раце се бореше против пламените јазици и со лелеци и плач молеше за помош од надлежните институции за да спаси тоа што може да се спаси. Огнените стихии беа немилосрдни.
Голтаа огромни пространства шуми, цели села, куќи, штали, добиток, живина, посеви, земјоделска механизација, автомобили, стигнуваа до првите куќи на поголеми градски населби… Тоа што истиот тој обичен народ го создавал со децении за да може да води еден обичен живот сега во надреалните апокалиптични слики гледаше како го губи пред сопствени очи!!!
И што беше првата реакција на власта и на нејзините пи-ар питбули? Системот функционира! Каков систем, систем ги убил! Ни систем има, ни систем функционира! Како глувци живи ќе изгоревме!
Бруки невидени! Кога не примија во НАТО, кога заборавија на тоа дека Република Македонија е веќе земја-членка на најмоќната воена алијанса во светот!? Кога заборавија дека сме кандидат за земја-членка на Европската унија!?
Па, манифестираната неспососбност, неподготвеност, политички и функционерски дилетантизам не ја срамат само Република Македонија, туку го срамат НАТО пактот и Европската унија во целина! И сега ќе мрчиме, што би рекол премиерот и неговите најблиски пајташи, за Европа дома! Да не беа пријателите од НАТО и ЕУ, тешко нас со вакви мрчатори.
И пази пи-ар курназлаци. Ем питбули, ем курнази. По само три дена одмор, премиерот Заев дефинитивно почувствувал дека народот сакал да го види овде.
Не дека е премиер и прв човек на извршната власт, не дека состојбата со пожарите е критична, не дека во таква ситуација борбата со огнената стихија влегува во неговите приоритетни задачи и обврски, туку затоа што народот сакал да го види овде.
Ајде мајката. Уште една ефтина струмичка сељачка финта, чиј директен одговор е „Е*ем ти таква власт“, која ја нема кога ти е најпотребна.
Comments are closed for this post.