ВМРО-ДПМНЕ ја достави во Собранието најавената Резолуција за заштита на националните и државните интереси. Oткако поддршка за оваа Резолуција даде СДСМ, но не и албанските партии, сега сите погледи се свртени кон спикерот Џафери кога ќе ја стави на дневен ред.
Со резолуцијата се очекува да биде заштитен националниот идентитет, македонскиот идентитет, македонскиот јазик и историја.
ВМРО-ДПМНЕ вели дека е неопходен национален и општествен консензус, да се знае од што не смееме да отстапиме, што е тоа за што Владата не смее да преговара, и она за што не смее да се прави компромис. Државата е на сите граѓани, и сите мораат да знаат за државните решенија.
Предлог-резолуцијата не е авторски текст на ВМРО-ДПМНЕ, туку во неа се содржани јавните ставови на МАНУ, УКИМ И МПЦ ОА – Јустинијана Прима.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најавувајќи ја на прес-конференција Резолуцијата, изјави дека таа ќе биде во контекст на тоа:
Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ.
Да се почитуваат безрезервно сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, повторувам континуитет.
Да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според коишто:
Македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен континуитет и свој временски континуитет.
Македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазикот, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и наративот за припадноста на одреден географски и историски простор.
Споделените места на меморија на балканските и медитеранските простори подразбираат инклузивен однос, а не ексклузивно присвојување на историјата и традицијата, понатаму подразбираат интелектуална слобода, а не робување на анахроните историски стереотипи и илузии, не културен и историски хегемонизам.
Процесот за евроинтеграција на нашата држава да продолжи во духот на меѓусебно почитување и уважување на вложените напори од наша страна за исполнување на критериумите.
Да се применуваат позитивните и општоприфатени меѓународни Конвенции и Декларации на ОН за правото на самоопределување и за човековите права и слободи.
Да се почитува безусловно слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност.
Comments are closed for this post.