Наспроти првичното отфрлање и острите партиски соопштенија насочени првенствено кон лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, владејачкиот СДСМ денеска го смени ставот во однос на Резолуцијата за одредување на црвените линии на Македонија во преговорите со Бугарија. Портпаролот Костадин Костадинов на прес-конференција во партиското седиште рече дека македонскиот идентитет и јазик не можат да бидат услов за европскиот напредок на државата и оти ќе ја прифатат Резолуцијата таква каква што е.
-Позициите на СДСМ во однос на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет се кристално јасни и многупати досега потврдувани и кажани во јавноста. Македонските идентитетски линии им се јасни на сите. И на нашиот народ и на целата меѓународна јавност. Доколку Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се сигурни во тоа, ако им треба потврда и во рамки на Парламентот ние како конструктивно парламентарно мнозинство без никаков проблем може да направиме и таков чекор и ќе ја прифатиме Резолуцијата, таква – каква што е, каква што всушност и видовме од медиумите, зашто официјален предлог до нас како пратеници нема. Согласно Уставот ВМРО-ДПМНЕ треба официјално до секој пратеник да ја испрати Резолуцијата, секако ние, како одговорно мнозинство ќе ја прифатиме таква каква што ја гледаме во медиумите, рече Костадинов, додавајќи дека „со ова на површина избивале сите лаги кои ги пласирале ВМРО-ДПМНЕ“.
Рече дека со ова уште еднаш испраќаат силна порака дека идентитетот и јазикот се затворена тема.
-Со сигурност дека нема да дозволиме македонскиот идентитет да се користи за партиски препукувања. Тоа како одговорни политичари имаме обврска да го направиме. Македонскиот идентитет е светост која што е повисока и поважна од рејтингот на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Испраќаме силна порака дека ќе работиме силно на интеграција во Европската унија со заштитен македонски јазик и со заштитен македонски идентитет, рече Костадинов.
Comments are closed for this post.