Големиот хрватски илустратор Свјетлан Јунаковиќ гостува на 3.Фестивал за литература и илустрација за деца „Литера 2021“. Легендата на некогашната југословенска илустраторска школа ќе го сподели своето искуство преку мастерклас на 7 јуни (18 часот) на зум-платформата. Јунаковиќ е одушевен што ќе може да се запознае со македонските илустратори, студенти, вљубеници во илустрацијата и со нив да сподели дел од своето богато портфолио.
Работилницата ќе трае два часа и е наменета за сите студенти, млади илустратори, уметници и сите вљубеници во оваа дејност, кои сакаат да дознаат повеќе за илустрацијата како уметност, но и да научат од богатото искуство на Јунаковиќ.
Свјетлан Јунаковиќ е роден на 23 јануари 1961 година во Загреб. Тој е сликар, скулптор и илустратор, најдобро познат по неговите детски сликовници. Освоил бројни меѓународни награда за неговите илустрации и учестувал на бројни изложби низ Европа. Дипломирал на Академијата „Брера“ во Милано, каде и специјализирал скулптура. Тој е професор на Академијата за применета уметност во Загреб и на Меѓународната школа во Сармеде во Италија.
Јунаковиќ беше финалист на меѓународното биенале на наградата Ханс Кристијан Андерсен во 2008 и 2010 година. Многу меѓународни награди се дел од неговата биографија.
Можете да го пријавите вашето учество на следниот линк: https://forms.gle/JdHpgJRZHgAjE4aV8
-Неизмерно сме среќни што еминентниот хрватски професор и уметник Стјепан Јунаковиќ се согласи да биде наш гостин, иако од далечина, но сепак, времето што ќе го одвои за илустраторите од Македонија, е бесценето. Големите професионалци како Јунаковиќ ги препознаваат волјата и ентузијазмот на еден мал тим како нашиот на „Литера“ да се влијае врз развојот на илустрацијата кај нас, особено што таа сѐ уште го нема обезбедено заслуженото место во академското образование. Ги покануваме сите илустратори, студенти, ентузијасти во оваа област, да се пријават на мастеркласот и да ја искористат можноста да учат од мајсторот на хрватската илустрација, Јунаковиќ – вели Софија Семенпеева-Трајановска, основач на фестивалот.
Третото издание на Фестивалот за литература и илустрација за деца годинава е во проширен формат и ќе започне на 3 јуни, кога во Чифте амам ќе биде отворена изложбата на еден од доајените на македонската илустрација Младен Туниќ. Тркалезни маси, работилници за деца ќе бидат дел од програмата на фестивалот, кој годинава сака да им биде уште поблизок на професионалците што ја создаваат детската литература, но и до нејзината публика.
Фестивалот го поддржуваат: Халк банка, Министерството за култура, Софија принт, Маја вода.
Comments are closed for this post.