Следната недела ќе одржи состанок Комисијата за заразни болести и ќе одлучи какви мерки за заштита од коронавирусот ќе бидат активирани од 1 јуни, а ќе биде разговарано и за евентуално симнување на заштитните маски од лицата, изјави за ТВ21 министерот за здравство Венко Филипче.
– Можно е да се укине мерката за задолжително носење заштитни маски. Следната недела ќе има состанок Комисијата за заразни болести која ќе одлучува за понатаму. Овие мерки важат до 1 јуни – изјави Филипче.
Маските станаа задолжителни со самиот почеток на пандемијата минатата година во март, но некои држави веќе носат одлуки да ја укинат ваквата мерка.
Американскиот центар за контрола и превенција на болести, на пример, одлучи целосно вакцинираните лица да можат да седат во затворен простор без заштитни маски.
Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, побара продолжување на вакцинацијата и повика да не се прекинува со почитување на мерките. Тој им порача на Французите да ги носат маските барем до крајот на јуни.
Во Црна Гора повеќе нема да биде потребно да се носи маска на отворено, а мерката за укинување ќе важи до 28 мај.
Слично се подготвува и во Србија, каде што граѓаните летово ќе бидат ослободени од обврската да носат маски.
Comments are closed for this post.