Според кои критериуми премиерот Зоран Заев и лидер на владејачкиот СДСМ ги одредува своите соработници и сопартијци за другари и пријатели?
Прашањето се наметнува по последните настани поврзани со одлуката на Радмила Шекеринска да не се кандидира за потпретседател на партијата, разрешувањето на Стојко Пауновски од директорската позиција во Државниот пазаришен инспекторат, а особено по најавите дека по Охрид, и во други градови ќе бидат покренати иницијативи за независни кандидатски листи од истакнати членови на СДСМ за претстојните локални избори. Дотолку повеќе што зад ваквата иницијатива многумина препознаа дека во заднината стои поранешниот партиски претседател, премиер и шеф на државата, Бранко Црвенковски.
Неодамна, веднаш откако Шекеринска обелодени дека нема да се кандидира за партиската функција, премиерот Заев, по пуштањето во употреба на Фотоволтаичната централа во Теново во Општина Брвеница, на новинарско прашање одговори:
– Радмила Шекеринска ја најави оставката и во разговор со мене сподели дека нема намера да се кандидира за заменик претседател за трет мандат. Заедно со Радмила во 2013 година, јас како претседател, а таа како заменик претседател, презедовме да го водиме СДСМ во едно извонредно тешко време. Јас ја почитувам. Покрај сите други и ѓраѓаните, таа е една од најзаслужните за нашето членство во НАТО, за кандидатскиот статус со ЕУ, за добиената одлука за почеток на преговори со ЕУ, и за многу процеси во државата важни за граѓаните. Знам дека ќе продолжиме понатаму да соработуваме, таа е мој другар или другарка без разлика каде ќе се најде во иднина во СДСМ или во општеството. Во општеството сигурно, секако заради целото нејзино искуство и верувам дека на многу заеднички проекти или предизвици ќе соработуваме во периодот кој што претстои.
Покрај тоа што постапката на Стојко Пауновски, пак, со одбивањето да ги вработи „рамковните“ (не)работници, ја оцени како пркос и инает, Заев не пропушти да ги одреди и релациите со него:
-Стојко Пауновски е мој личен пријател, но јас ќе барам од службите од Владата, од вицепремиерот Љупчо Николовски, доколку постои основа, да биде покрената постапка за негово разрешување.
За разлика од ова, Заев не го одреди ни како другар, ни како пријател поранешниот партиски претседател Брано Црвенковски, иако не пропушти да му ги спомене функциите и тоа дека е општественик.
-Црвенковски не може да биде друго освен СДСМ. Не верувам во такви приказни дека Црвенковски ќе формира партија, но сепак треба него да го прашате, изјави вчера во Ресен премиерот Заев.
Да, веројатно Заев е во право кога вели дека Црвенковски не може да биде друго освен СДСМ, но прашањето е дали тој самиот е и може да биде СДСМ?!
Comments are closed for this post.