Време е да почнеме пристапни преговори. Вистински тест за ЕУ е токму нашиот случај, бидејќи ние сме земја кандидат 16 години, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на заедничката прес-конференција по билатералната средба со австриската министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер.
Одговарајќи на новинарско прашање дали се очекува и други земји да го блокираат почетокот на преговорите за нашето членство во Унијата, Димитров нагласи дека императивот за успех е навистина огромен годинава, потенцирајќи дека она што го говори за ЕУ и за реформите, се потпира на ветувањата од Брисел.
– Нас во јуни 2018 година ни рекоа – го цртаме патот да почнете преговори во јуни 2019 година. Во јуни 2019 година ни рекоа, сепак ќе одлучиме во октомври 2019, а во октомври 2019 година ни рекоа, не можеме сега да донесеме одлука. Одлуката се донесе во март 2020 година, меѓутоа уште не може да биде спроведена. Затоа сум се поискрен и се поотворен и мислам дека вистински тест за ЕУ е токму нашиот случај, ние сме земја кандидат 16 години, а во нивото на усогласеност сме апсолутно во слична, а во определени области и во подобра кондиција со државите кои веќе многу години се во пристапниот процес, истакна Димитров.
Comments are closed for this post.